Бразилски судија и нареди на британската поп-ѕвезда Адел (36) да ја повлече песната „Пред милиони години“ поради наводите за плагијат на бразилскиот композитор Тонињо Гераес.
Издавачките куќи на Адел, „Сони мјузик Ентертајмент“ и „Универзал мјузик“, се соочуваат со можна казна од 8.000 долари.
Прелиминарната забрана беше издадена од судијата Виктор Торес во петокот во судот во Рио де Жанеиро, додека судската постапка се очекува да продолжи. Пресудата, објавена од АФП, им наредува на издавачите „веднаш и глобално да ја прекинат употребата, репродукцијата, уредувањето, дистрибуцијата или комерцијализацијата на песната „Пред милиони години“ во која било форма – физичка или дигитална, вклучително и платформите за стриминг“.
„Ова е важен момент за бразилската музика, која често служи како инспирација за меѓународните хитови“, изјави Фердимио Трота, адвокатот на Тонињо Гераес.
Герес тврди дека песната на Адел е плагијат на неговата самба класика Mulheres, која ја снимил познатиот бразилски уметник Мартињо да Вила на успешен албум од 1995 година.
Композиторот бара компензација за изгубените авторски права, 160.000 долари морална отштета и признавање како автор на песната. Адел и нејзините издавачки куќи се уште не коментирале, додека адвокатот Трота нагласува дека оваа забрана може да послужи како предупредување за меѓународните изведувачи и издавачките куќи да не ја злоупотребуваат бразилската музика.
Во 2015 година Адел беше обвинета и за плагијат на песна на починатиот курдско-турски уметник Ахмет Каја.