Најпрво неколку медиуми, а потоа и самиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција соопшти дека поранешен премиер е дел од истрагата околу аферата со криминалот во Државна лотарија.
Иако претходно веќе беше познато дека екс вицепремиерот е Артан Груби, имајќи го предвид периодот на дејствието по кое се постапува, се изведе заклучок дека поранешниот премиер не е никој друг, туку Димитар Ковачевски.
„Опфатени се поранешен премиер, вицепремие, поранешен генерален секретар и државни службеници“ соопшти вчера Тошковски и додаде дека постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство- Скопје, МВР извршило повеќе претреси и активности.
Министерот за внатрешни работи ги наведе медиумите да известуваат, а јавноста да верува дека и Ковачевски бил замешан, а обвинитлеството нема постапка за Ковачевски.
Тој не спомна имиња, но со делот од неговата изјава: „Многу добро знае јавноста кои се тие две лица“ Тошковски се обиде да се „стави во кожата“ на на обвинител и судија и посочи кон поранешниот премиер, иако вчерашната акција, колку што беше информирана јавноста, не беа спроведени претреси и други дејствија за да го потврдат тоа.
Тошковски наведе осум, а Обвинителството шест лица опфатени со истрагата
Дека Тошковски неосновано ги наведе медиумите и јавноста дека и за поранешниот премиер Ковачевски има постапка, од соопштението на Јавното обвинителство произлегува дека тоа не е точно.
Тошковски во својот настап пред медиумите кажа дека во истрагата се опфатени осум лица, но официјалното соопштение на Обвинителството укажува дека во овој предмет осомничени се четири лица.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „проневера во службата“, а за уште четири лица е поведена постапка за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ стои во соопштението на ОЈО.
Како што информира Јавното обвинителство, постапувајќи по поднесени кривични пријави од МВР и од Управата за финансиска полиција, биле преземени повеќе дејствија. Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија“ во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг, која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.
– Првоосомничениот, претседател на Управниот одбор – Генерален директор на „Државна лотарија“ на 9 мај 2023 година електронски до Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42 отсто од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која согласно Закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери, се вели во соопштението.
Предлогот, како што се наведува, бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД „Државна лотарија“ согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, бидејќи уште во 2013 година тоа право го има вложено во Државната видеолотарија – „Касинос Аустрија“ ДОО Скопје како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра за што „Државната лотарија“ се стекнала со удел од 51 отсто во основната главнина на друштвото формирано со „Касинос Аустрија“.
Второосомничениот, како што се наведува, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија“ нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
– На седницата била усвоена информацијата и „Државната лотарија” била задолжена да ги преземе активностите за да започне самостојно да приредува електронски игри на среќа и да ги набави потребните видеолотариски терминали. Потоа првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба, се вели во соопштението.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Останатите четворица се осомничени во својство на претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици и за нив постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и спровеле јавни повици за пренесување на право за приредување на електронски и интернет игри на среќа, иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.
Од соопштението на ЈО е јасно видливо дека, досега, со оваа истрага не е опфатен и поранешниот премиер Ковачевски, а ниту поранешен генерален секретар на Владата, кој исто така беше спомнат од страна на Тошковски.