Skip to main content
Македонија

ЛДП утре избира претседател 

28/11/2026  16:55

Соопштение на ЛДП:

Либерално-демократската партија утре, 29 ноември, ќе го одржи Деветтото либерално-демократско собрание под мотото „Напред, либералдемократи!”. На Собранието, делегатите ќе избираат нов претседател на партијата.

На свеченото отворање ќе се обрати актуелната претседателка на ЛДП, Моника Зајкова. Таа ќе се осврне на досегашната работа на партијата и на иницијативите за заштита од семејно насилство и поголема отчетност на носителите на јавни функции. Со видеопораки ќе се вклучат тројца европратеници, Свења Хан, претседателка на АЛДЕ, Малик Азмани од Нидерланди и Ирена Јовева од Словенија.

На Собранието ќе присуствуваат 13 меѓународни гости, меѓу кои пратеници, партиски лидери и претставници на европски политички организации. Меѓу нив се Дејвид Чалмерс од британските Либерални демократи, Кинче Силаш, претседателка на унгарската партија Моментум, Маријана Пуљак, пратеничка во Хрватскиот сабор и претседателка на партијата Центар, Јоана Павел од АЛДЕ и Балинт Ѓеваи од Европскиот либерален форум.

Од Црна Гора ќе присуствуваат Есад Шаиновиќ, генерален секретар на Либералната партија, Амар Боранчиќ, заменик-градоначалник на Бар и потпретседател на партијата, и Миодраг Влаховиќ, поранешен министер за надворешни работи. Од Србија доаѓаат Арис Мовсесијан од Движењето на слободни граѓани и Андреа Беседеш Наѓ, пратеничка во српскиот парламент.