
Во Тирана денеска повторно избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите во најновиот од серијата антивладини протести.
Илјадници луѓе повторно излегоа на улиците со барањето оставка од премиерот Еди Рама.
Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги смири демонстрантите, кои ги гаѓаа со камења и дрвени стапови и кршеа улични камери и прозорци на владини згради.
Во Тирана допатуваа незадоволни граѓани од целата земја и од странство за протестот што се совпадна со 114-годишнината од прогласувањето на независноста на земјата, ден што обично се одбележува со национални прослави и државен празник.
Полицијата беше распоредена по главните патишта што водат до главниот град и проверуваше возила.
Политичките партии што постојат во Албанија од падот на комунизмот во 1990 година повеќе не претставуваат никого, рече 33-годишниот демонстрант, кој допатува на протестот од Велика Британија.
„Тие треба да го отворат патот за нова генерација интелектуалци и луѓе кои имаат поголема улога во иднината на земјата“, рече тој.
Денешниот протест е еден од серијата демонстрации што започнаа кон крајот на мај, првично поттикнати од противењето на развојот на луксузен туристички проект на јужниот албански брег, што е поврзан со инвестициска фирма основана од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Протестите станаа познати како „Движење Фламинго“, поради фламингата за кои се верува дека ќе бидат загрозени од проектот, а подоцна во септември беа проследени со студентски протести, од кои повеќето беа обележани со насилство. Студентите бараат подобро образование и животен стандард. Главното барање на демонстрантите се прошири и сега тие бараат премиерот Рами да поднесе оставка.
Демонстрантите скандираа „оставка“ додека се собираа на главниот плоштад Скендербег.
И помладите и постарите демонстранти велат дека се надеваат дека овој систем ќе исчезне и дека корупцијата ќе заврши.

