
Во Основниот суд во Охрид утре, 27 ноември, во 11 часот ќе почне судењето на 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска. Предметот ќе го води судијката Александра Поп Стефанија.
Охридското Основно јавно обвинителство го товари Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. На обвинетиот претходно му беше определен притвор од 30 дена.
Случајот беше пријавен на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ. Според информациите од МВР, на нападот му претходела расправија во домот на Корабоски, која потоа продолжила во неговиот автомобил.
Според пријавата, Корабоски физички ја нападнал Ѓорѓиеска, со која бил во врска, додека биле во возилото. Откако го запрел автомобилот, нападот наводно продолжил, при што таа изгубила свест и паднала.
Ѓорѓиеска најпрво била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.


