
Уставниот суд во среда, на 2 декември, ќе одржи седница за избор на нов претседател. Изборот е закажан пред истекот на судискиот мандат на актуелниот претседател Дарко Костадиновски во јануари.
Од Судот соопштија дека Костадиновски на колегиумот одржан на 2 ноември ги информирал судиите за распоредот на претстојните состаноци и седници, вклучително и за изборот на негов наследник.
Костадиновски ја презеде претседателската функција во јуни 2024 година. Неговиот деветгодишен мандат како уставен судија завршува во јануари, кога истекува и мандатот на судијата Осман Кадриу. Предлозите за пополнување на овие две места треба да дојдат од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Уставниот суд се избира од редот на судиите со тајно гласање и со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии. Секој судија може да предложи кандидат за функцијата. Според Уставот, претседателскиот мандат трае три години, без право на повторен избор.
Паралелно, во Собранието се одвива постапка за пополнување на местото испразнето по оставката на Гоце Наумовски. Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја предложи Теодора Ефтимовска-Бојковска, судијка во Основниот суд во Гостивар, за нова уставна судијка.
Оставката на Наумовски Собранието ја констатирало на 20 јули годинава. Предлогот за неговата наследничка треба да добие потврда на пленарна седница.


