
Дел од луѓето кои денес се општински советници во Кочани доаѓале на маршевите за „Пулс“ пред локалните избори, а по гласањето семејствата на загинатите ретко ги гледаат меѓу учесниците. Ова го изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица, во „Ноќно студио“ на 4ТВ, по 51. марш што се одржа во саботата.
На прашањето дали тие луѓе и денес доаѓаат на маршевите, Наунов одговори: „90 проценти не“. Според неговата процена, пред изборите на маршевите доаѓале десетина до петнаесет луѓе од таа група, заедно со своите семејства. Сега, вели тој, од нив доаѓаат само едно или две семејства. Наунов смета дека дел од оние што престанале да доаѓаат ја искористиле болката на родителите за својата изборна кампања.
И Томче Стојанов, татко на загинатиот Андреј, рече дека ја почувствувал промената по изборите. Според него, луѓе кои пред гласањето им велеле на родителите дека ги разбираат и ги поддржуваат почнале еден по еден да се оддалечуваат откако добиле функција.
„А катастрофата и загубата, само ние знаеме што значат за нас“, рече Стојанов.
Тој додаде дека семејствата очекуваат правична судска одлука. За него, тоа би значело еден ден да застане пред споменикот на својот син и да може да му каже дека се борел за правда.

