
Како да ги подготвиме младите за професии што допрва ќе се појават и за одлуки во кои сè поголема улога ќе има вештачката интелигенција? Ова прашање беше во фокусот на „FutureX Summit 2026″, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го организираше на 19 ноември во Europe House во Скопје и онлајн. Учесниците разговараа за тоа како вештините што се развиваат во текот на образованието им помагаат на младите да проценат дали една информација е веродостојна, да изберат професионална насока и да препознаат можност за сопствен бизнис.
„Министерството за образование и наука работи на реформи во сите образовни сегменти. Младите треба да стекнуваат квалитетни и применливи знаења, но исто толку е важно да развиваат креативност, иновативност и критичко размислување, како и емпатија, етички принципи и социјални компетенции”, истакна министерката за образование и наука, проф. Весна Јаневска.
Таа посочи дека целодневната настава им отвора повеќе простор на учениците да истражуваат и да ги испробуваат своите идеи, а преку дуалното образование младите можат да го применат наученото во реална работна средина.

Директорката на ИКС, д-р Жанета Трајкоска, ја поврза писменоста за иднината со долгогодишната работа на Институтот во областа на медиумската и информациската писменост. „Не е доволно само да знаеме како да ја провериме информацијата што е пред нас. Потребно е да научиме и како да размислуваме за иднината и како да ги препознаеме сопствените претпоставки за иднината. Како да замислиме повеќе опции и како неизвесноста да не ја доживуваме како закана, туку како простор за донесување одлуки. Затоа преку овој проект се обидовме да ги поврземе медиумската писменост, податочната и финансиската писменост, лидерството и способноста отворено и стратешки да размислуваме за иднината”, рече Трајкоска.
На отворањето се обрати и проф. Татјана Хорват, деканка на Факултетот за менаџмент при Универзитетот на Приморска во Словенија, која зборуваше за новите вештини потребни за непредвидливата иднина.
„Централното прашање нè соочува со фундаментален парадокс: како да развиваме компетенции кои ќе ни помогнат да донесеме подобри одлуки кога не можеме да ја предвидиме иднината”, рече Хорват, додавајќи дека технолошките промени наметнуваат поинаков пристап од оној на кој се потпираа традиционалните образовни системи за предвидлива иднина и ја диктираат потребата да се развиваат други способности, за нови вештини, критичко размислување и да се биде отворен за можностите кои не можеме да ги менуваме.
Рамила Кафаџи Заде, членка на УНЕСКО Катедрата за писменост за иднината при Универзитетот за применети науки Ханзе во Гронинген, Холандија, зборуваше за тоа како нашите претстави за иднината влијаат врз изборите што ги правиме денес и што можеме да согледаме кога ќе разгледаме повеќе можни исходи.
„Писменоста за иднината е втурнување во непознатото, во комплексноста, да видиме дали нашите претпоставки и на другите околу нас можеме да ги преиспитаме. Тоа е повеќе способност”, рече Кафаџи Заде.
На панелот „FutureX дијалог”, проф. Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев” и д-р Александра Дединец од ФИНКИ, членка на тимот на проектот „Везилка”, разговараа за тоа како наставата може да поттикне самостојно размислување и каква улога има човечката процена кога користиме вештачка интелигенција.
На прашањето како да се подготвиме за иднината, претприемачот Данчо Димков и словенечкиот консултант за бизнис-иновации Томаж Павлица одговорија од сопственото професионално искуство. Димков зборуваше за тоа како еден студент може да открие кому му е потребна неговата вештина и да дојде до првиот клиент. Павлица се осврна на претпоставките што ги спречуваат компаниите навреме да препознаат дека треба да го променат начинот на кој работат.

Прашањата од „FutureX дијалогот” за тоа како ги проценуваме информациите и како носиме одлуки беа дел и од Академијата за подготвеност за иднината (Future Readiness Academy), главната активност на „FutureLit”. Во текот на оваа петмесечна онлајн програма, учесниците од Северна Македонија, Словенија и Австрија разменуваа идеи и заедно развиваа сценарија преку кои истражуваа како би можела да изгледа иднината.
Самитот заврши со разговорот „Гласот на студентите”, во кој учесничките споделија што ги поттикнало да се пријават на Академијата и какво било нивното искуство од работата во меѓународни тимови. Тие зборуваа за предизвиците со кои се соочиле во текот на програмата, што им било најкорисно и како наученото можат да го применат во студирањето или во работата.

За сите што сакаат подетално да ги истражат овие теми, образовните ресурси од Академијата се достапни на веб-страницата на „FutureLit”.


