Skip to main content
Свет

Хакерите ја нападнаа Европската комисија, свикан итен кризен состанок

19/11/2026  10:45

Европската комисија беше цел на сајбер напад во кој хакерите можеби украле голема количина лични податоци. Иако институцијата верува дека успеала да го совлада поголемиот дел од нападот, вистинската големина на штетата сè уште не е позната. Информацијата првично ја објави порталот Политико, повикувајќи се на неименуван функционер на ЕУ, пренесува Ројтерс .

Преземени мерки

„Европската комисија ги презеде потребните чекори по откривањето на сајбер кампањата“, изјави портпаролот на Комисијата, Томас Рење, за Политико. „Одредени системи беа нападнати и, во согласност со вообичаената пракса, ги информиравме сите засегнати страни.“

Инцидентот траел околу десет дена, во кој период неколку системи биле исклучени. Според порталот, тие вклучувале системи за управување со персонал, плати и евиденција на работно време, како и систем за надомест на медицински трошоци.

Нападот предизвика итен состанок на главното внатрешно кризно тело на Комисијата. Комесарот за технологија на ЕУ, Хена Виркунен, во среда го информираше Колеџот на комесари за случајот. Сè уште се чека официјална изјава од Европската комисија.