
Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја потресе Романија во текот на ноќта, при што се повредени две лица, соопштија денеска властите, пренесува ДПА.
Двете лица се повредени откако во нивните станови се превртел мебелот, изјавија службите за цивилна заштита.
Меѓутоа, додава германската агенција, најголемиот дел од повиците до итните служби биле поврзани со напади на паника. Не е пријавена поголема материјална штета.
Романскиот Национален институт за истражување и развој во областа на физиката на Земјата соопшти дека ова е најсилниот земјотрес што ја погодил земјата по потресот со јачина од 5,8 степени во 2018 година.
Епицентарот на ударот бил во регионот Вранча, во Источните Карпати, област каде што се регистрираат повеќето земјотреси во Романија.
Звучното предупредување од системот „Андроид“ за известување за земјотреси разбуди дел од корисниците на паметни телефони. Меѓутоа, во известувањето била наведена превисока магнитуда – 6,5 степени.
Последниот земјотрес со смртни последици во Романија се случи во 1977 година, кога потресот со јачина од 7,4 степени однесе повеќе од 1.500 животи и уништи околу 35.000 станови, потсетува ДПА.

