
Реакција на Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство:
Уште колку жени треба да бидат убиени за да се демонтира овој систем поволен за насилници, а погубен за жените?
Уште еднаш јавноста со ужас ги гледа вестите, ги поставува истите прашања и бара одговори од институциите. И уште еднаш наместо чувство на сигурност, кај жените останува стравот дека утре тие можеби ќе бидат следните жртви.
По фемицидот на 17-годишната Билјана Кириќ во Богданци, за една недела ни се случуваат два обиди за фемицид во Охрид и Битола. Во едниот случај, осомничениот е на слобода со мерки на претпазливост. Во другиот, избега низ прозорец од полициска станица. Ова се случува во година во која веќе има седум фемициди, а во Европа, Македонија е трета според стапката на убиства на жени од интимни партнери. Секоја следна потценета закана, несоодветна проценка на ризикот и пропуштена мерка за заштита се случува со тоа сознание.
Во Охрид, според соопштението на МВР, нападот врз 26-годишната жена продолжил и по запирањето на автомобилот, при што таа изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди. Поднесена е кривична пријава за „тешка телесна повреда“, а по барање на обвинителството, судот определил мерки на претпазливост. Врз основа на кои докази и околности е направена квалификацијата на делото, дали е испитано постоењето намера за лишување од живот и врз каква проценка е заснована одлуката дека определените мерки се доволни за безбедноста на жената?
Посебна проверка бараат јавно изнесените наводи за семејното влијание на осомничениот. Според медиумските информации и обраќањето на мајката на повредената жена, неговата мајка е поранешна претседателка на ДКСК, а таткото е инспектор во УЈП. Овие функции сами по себе не докажуваат вмешаност. Но наводите за барање помош за прикривање на настанот и за влијание врз медицинската документација мора итно и независно да се истражат. Јавната функција, партиската блискост и пристапот до институциите не смеат да станат семејни ресурси за избегнување одговорност.
Нееднаквата моќ станува особено опасна кога жената има причина да стравува и од насилникот и од мрежата што може да застане зад него.
Во Битола, 21-годишна жена пријавила долготрајно насилство, закани со убиство и давење, а осомничениот избегал низ прозорец од полициска станица. Според објавените информации, жената е сместена во засолниште, додека тој останува недостапен за полицијата. Таа го ограничува сопствениот живот за да преживее, а институцијата задолжена да ја заштити не успеала да го задржи осомничениот во сопствените простории. За ова мора да има утврдена индивидуална и институционална одговорност.
Партиските изјави дека „никој не е над законот“ мора да бидат проследени со постапување што јавноста може да го провери. Префрлањето на вината меѓу полицијата, обвинителството, судовите и политичките партии го одржува системот во кој сите се декларативно загрижени, а одговорноста постојано останува кај некој друг.
Ние, членките на Мрежата за заштита од дискриминација, Националната мрежа за заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Платформата за родова еднаквост бараме:
ОЈО Охрид итно да поднесе предлог за определување притвор за осомничениот, со образложување на законските основи, земајќи ги предвид сериозноста на нападот, ризикот од повторување на насилството и можноста за влијание врз жртвата, сведоците и доказите. Бараме да се испита улогата на сите лица за кои постојат наводи дека учествувале во насилството, му помагале на осомничениот, се обиделе да го прикријат настанот или вршеле притисок врз жртвата, сведоците, здравствените работници и институциите. За секое лице за кое ќе се утврди вмешаност бараме соодветна кривична и друга законска одговорност, без оглед на семејните врски, јавната функција или политичката припадност.
Итно пронаоѓање на осомничениот во Битола, јавно утврдување на околностите и пропустите што го овозможиле неговото бегство од полициската станица и дисциплинска, а доколку постојат законски основи и кривична одговорност за полициските службеници што биле задолжени за неговото обезбедување, како и за нивните претпоставени доколку се утврдат пропусти во раководењето и надзорот.
Целосна проверка на институционалното постапување пред фемицидот во Богданци, особено по претходните пријави и закани, и одговорност за секој утврден пропуст.
Непосредна, координирана и долгорочна заштита на жените изложени на насилство, достапна правна и психосоцијална поддршка и стабилно финансирање на специјализираните услуги.
Неопходните законски измени без одложување да се придвижат без антиродови условувања и без отстапување од стандардите на Истанбулската конвенција.
Сите лица кои упатуваат јавни пораки со кои се оправдува насилството или се промовира дискриминација врз жените, да бидат соодветно санкционирани.
Медиумите доследно да ги спроведуваат професионалните стандарди и одговорно да известуваат на начин што ја преиспитува моќта, ги разобличува оправдувањата за насилството и ја штити приватноста и достоинството на жртвите.
Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство укажуваат дека одговорноста за ваквата состојба е системска, политичка и колективна. Таа произлегува од длабоко вкоренетата мизогинија и од нееднаквата распределба на моќта, во која женската слобода сè уште се третира како нешто за кое одлучуваат мажот, семејството, институцијата или партијата. Насилството се потхранува во општество што ја романтизира љубомората, ја оправдува контролата, ја надгледува женската сексуалност и бара од жените да трпат за да ги зачуваат семејството, угледот и туѓото достоинство. Фемицидот е крајниот израз на таа нееднаквост – на убедувањето дека мажот има право да располага со животот на жената, да ја казни кога ќе го одбие и да ја спречи да замине. Колективната одговорност се состои во премолчувањето на заканите, во оправдувањето на насилниците, во обвинувањето на жените и во подготвеноста нивната безбедност да се жртвува за зачувување на постојните односи на моќ. Таа одговорност е особено голема кај оние што располагаат со јавни функции, институционален авторитет и медиумски простор.
Кога премиерот Христијан Мицкоски го нарекува семејното насилство „мал престап“, тој од позиција на највисока извршна власт ја минимизира неговата сериозност. Одговорност имаат и верските авторитети, меѓу кои и епископот Јаков, кои го користат својот јавен простор за мобилизација против родовата еднаквост. Одговорност имаат и медиумите што им обезбедуваат простор и јавна легитимност на „Богоевци“ кои ја оправдуваат контролата врз жените, промовираат „машки надзор“ и поттикнуваат насилство.
Извитоперено е разбирањето на „семејните вредности“ во кое зачувувањето на машкиот авторитет е поважно од слободата и безбедноста на жената. Од жените се очекува да обезбедуваат неплатена грижа, да ги одржуваат домаќинствата и да ја преземаат одговорноста за семејната стабилност, а притоа да имаат помалку економска моќ и помалку слобода да одлучуваат. Кога ќе ја оспорат таа положба, се обвинуваат дека го растураат семејството и го загрозуваат општеството, и на крај, плаќаат со својот живот. Правото на жените на живот, слобода и еднаквост не смее постојано да се поставува како прашање за кое шовинистите добиваат можност да преговараат.
Фашистичката логика на антиродовите наративи се препознава во величањето на хиерархијата, во наметнувањето „природни“ улоги и во барањето женското тело, труд и живот да бидат ставени во служба на семејството, нацијата и авторитетот. Барањата за бришење на родот од законите и политиките ја поткопуваат можноста да се именуваат и да се отстрануваат токму овие нееднаквости.
Кога политичкиот врв го минимизира насилството, верски авторитети ја напаѓаат родовата еднаквост, а во медиумите се оправдува машката контрола, овие пораки меѓусебно се зајакнуваат. Се создава средина во која жената повторно треба да објаснува зошто одбила, зошто заминала, зошто возвратила и зошто не молчела. Прашањето за одговорноста на насилникот се потиснува со преиспитување на нејзиното однесување.
Одговорноста за извршеното насилство е кај сторителот. Одговорноста за неговото оправдување, нормализирање и неказнување се протега низ целото општество. Системската одговорност не ја разредува индивидуалната: таа бара да се утврди кој нападнал, кој ја потценил опасноста, кој пропуштил да заштити и кој ја употребил својата моќ за да обезбеди неказнивост. Крајно време е Собранието и Владата да заземат став дали градиме држава безбедна за жени или држава што наоѓа изговори да оправда насилство.


