
Пишува: проф д-р Иван Анастасовски
Постои една опасна политичка заблуда што со години ја одржува Македонија во кругот на разочарувањата, а таа заблудата е дека успешното владеење се мери според бројот на проекти најавени на прес-конференции, според убавината на политичките говори, според бројот на отворени пресметки со политичките противници или според способноста на власта секојдневно да ја убедува јавноста дека работите одат во вистинска насока.
Не! Мора да разбереме дека државата не се води со соопштенија, таа не се реформира со слогани и пароли, не се модернизира со политички маркетинг, а уште помалку станува функционална само затоа што некој од говорницата ќе прогласи дека почнува нова ера. Напротив државата се мери според проблемите што ги решава, а не според ветувањата што ги произведува.
И токму тука почнува најсериозното прашање за секоја политичка власт во Македонија: колку од секојдневните проблеми на граѓаните навистина се решени, а колку само се префрлени од една институција во друга, од еден министер во друг, од една политичка гарнитура во следната? Нашиот граѓанин денес не живее од владини прес-конференции, тој живее од својата плата (која чесно ја заработува), се лекува во здравствениот систем, ги школува децата во образовниот систем, се соочува со администрацијата, плаќа сметки и секојдневно ја тестира функционалноста на државата. За него реформата не е документ во некое министерство, туку реформата е кога ќе добие услуга навреме и улуга професионална, кога ќе има сигурност, кога нема да мора да бара политичка врска за да го оствари она што законски му припаѓа.
Власта не смее да бара бескрајно трпение од граѓаните. Од актуелната власт мора да се бара многу повеќе од она што досега го гледаме во политичката комуникација. Не е доволно да се каже дека се наследени лоши состојби, тоа можеби е точно, но наследството не може да биде трајно алиби за секој неуспех на власта. Секоја нова власт доаѓа со легитимитет, со политичка програма и со ветување дека ќе направи промена. Но легитимитетот добиен на избори не е бланко дозвола за политичко комфорно владеење, туку тоа е обврска да се испорачаат политичките резултати.
Особено загрижува кога политичката енергија повеќе се троши на објаснување зошто нешто не може да се направи отколку на создавање услови тоа да се реализира.
Европската комисија во Извештајот за напредокот за 2026 година повторно укажува на слабости во јавната администрација, недоволна отчетност, неконзистентно спроведување на мерит-системот и проблеми во управувањето со институциите. Но да бидеме реални ова не се само европски забелешки, ова се и наши забалешки и наша институционална реалност. И тука мора да се постави едно непријатно прашање: дали навистина ја менуваме државата или само ги менуваме луѓето што управуваат со нејзините слабости?
Да бидеме на чисто институциите на системот не се партиски плен, Македонија со години ја повторува истата политичка грешка, по секои избори се менуваат директорите, раководителите, членовите на управните одбори, се најавуваат нови кадровски решенија и нови приоритети. Но многу ретко се менува начинот на функционирање на институциите. Политичките партиите ја разбираат државата како простор за политичко позиционирање, наместо како систем што мора да обезбеди континуитет, професионалност и еднаква услуга за сите граѓани. Не може секоја промена на власта да значи почеток од нула. Не може секој министер да ја започнува својата приказна со наследените проблеми, а да ја завршува без мерливи резултати.
Ако администрацијата е партизирана, ако јавните претпријатија се неефикасни, ако институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, тогаш проблемот не е само во поединечните функционери, туку проблемот е во политичкиот модел што со години го произведува истиот резултат. На Македонија не и требаат партиски војници на институционални позиции, и требаат професионалци кои ќе работат според закон, знаење и одговорност.
Но би сакал да бидеме на чисто, критиката не смее да биде насочена само кон власта (која јаима најголемата одговорност), тука е доблесно и коректно да се критикува и опозицијата која мора да се соочи со сопствената политичка одговорност. Не е доволно да се чека секоја грешка на Владата за да се произведе нова прес-конференција, нов скандал или ново политичко соопштение. Политичката опозиција мора да понуди алтернатива, конкретни решенија и кредибилитет дека може да управува подобро. Особено оние политички партии кои претходно ја имале можноста да управуваат со државата треба да покажат дека извлекле поуки од сопствените грешки.
На власта и треба контрола, на опозицијата и треба кредибилитет, а на граѓаните им требаат резултати. Тоа е суштината на демократската одговорност. Политиката мора да се врати кон граѓанинот. Најголемата опасност за Македонија не е само во економските проблеми, корупцијата, нефункционалните институции или бавните реформи. Најголемата опасност е во постепеното губење на вербата дека нешто навистина може да се промени.
Кога граѓанинот ќе престане да очекува решение, кога ќе престане да верува во институциите и кога ќе почне да ја доживува државата како пречка, а не како сервис, тогаш политичката криза станува многу подлабока од обичната борба за власт.
Тоа е моментот кога луѓето почнуваат да бараат иднина надвор од сопствената држава. И затоа, секоја влада мора да разбере дека времето на политичките изговори има ограничен рок на траење. Не може цел мандат да се живее од изборна победа. Не може секој проблем да се објаснува со претходниците. Не може европската интеграција да биде вечна политичка тема без домашни резултати.
Власта мора да покаже дека може да управува, опозицијата дека може да понуди подобра политика, а институциите дека можат да функционираат независно од тоа кој е на власт.
Македонија нема повеќе време за политички експерименти. И затоа, најголемиот политички успех не е колку долго ќе останете на власт, туку колку проблеми ќе решите додека сте на власт. Македонија нема потреба од уште една генерација политичари кои ќе ветуваат подобра иднина. Има потреба од политичари кои ќе ја направат сегашноста поднослива, а иднината достижна.


