
Пензиите од септември 2024 до март 2026 година кумулативно се зголемиле за 7.000 денари месечно по пензионер, а во септември годинава следувало дополнително зголемување од три проценти, изјави директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.
Во рамките на двегодишниот отчет на функционерите на Движењето ЗНАМ, Мемов ги претстави активностите на Фондот, со акцент на исплатата на пензиите, финансиското работење и модернизацијата на услугите.
Според него, Фондот во 2025 и досегашниот период од 2026 година ги исполнувал обврските навреме и во целост, согласно планираното. Истовремено, предупреди дека стареењето на населението и односот меѓу осигурениците и пензионерите бараат долгорочни решенија.
Мемов посочи дека е започната стручна дебата за поправично поврзување на висината на пензиите со уплатените придонеси. Нагласи дека евентуалните реформи треба да ја зачуваат солидарната функција на системот и стекнатите права на сегашните пензионери.
Во делот на услугите, тој наведе дигитализација на архивата, унапредување на информатичките системи и намалување на нерешените предмети во одредени области, вклучително и во комисиите за процена на способноста.
Според Мемов, електронската размена на податоци со странски пензиски институции треба да овозможи побрзо решавање на барањата на граѓаните со работен стаж во повеќе држави.
Директорот порача дека остануваат нерешени прашања, а резултатите од работењето треба да се оценуваат преку посигурни пензии и поефикасни услуги за граѓаните.


