Skip to main content
Македонија

Уште колку животи треба да згаснат? велат семејствата од „Пулс“ и повторно побараа одговорност

14/11/2026  22:11

Драги Стојанов, татко на момче кое загина во пожарот во дискотеката „Пулс“, ги повика родителите на повредените да се приклучат на маршевите и заедно да бараат правда. Тој се обрати пред Основниот суд во Кочани, каде што семејствата на загинатите денеска, 14 ноември, по 51. пат го одржаа „Маршот за ангелите“. 

Стојанов им се заблагодари на родителите на повредените кои им дале поддршка и ги повика и останатите да им се придружат на следните маршеви. Тој рече дека заедничкото барање одговорност е важно и за децата што го преживеале пожарот и за нивната иднина. 

„Ние чекоревме, чекориме и ќе чекориме сè додека сме живи, сè додека правдата не излезе на виделина“, рече Стојанов. 

Тој го повика и градоначалникот на Кочани да застане покрај семејствата и праша зошто општинските советници, кои според него порано присуствувале, веќе не доаѓаат на маршевите. Стојанов побара институциите совесно да си ја вршат работата и предупреди дека евентуалното неказнување на одговорните за пожарот во кој загинаа 63 лица би испратило опасна порака. 

На маршот семејствата се присетија и на жртвите од автобуската несреќа кај Ласкарци, пожарот во модуларната болница во Тетово и несреќата на автобусот на „Беса транс“. Во обраќањето пред полициската станица беше побарано институциите да преземаат мерки навреме за да спречат нови трагедии. 

Маршот почна во 16:05 часот во Паркот на Револуцијата, под мотото „Уште колку животи треба да згаснат за нешто да се преземе?“. Учесниците поминаа покрај Трговскиот центар, Управата за јавни приходи, полициската станица, судот и обвинителството, а маршот заврши во паркот.