
Од утре, 15 ноември, почнува да важи законската обврска за поседување зимска опрема за возилата што учествуваат во сообраќајот на патиштата. Обврската ќе важи до 15 март, а пропишаната опрема зависи од тежината на возилото и видот на погонот.
За возилата со тежина до 3.500 килограми, возачите можат да користат зимски гуми на сите четири тркала со длабочина на шарите од најмалку четири милиметри. Дозволени се и летни гуми на сите четири тркала со иста минимална длабочина, ако во возилото има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Кај возилата со погон на сите четири тркала (4×4), зимските гуми мора да имаат шари длабоки најмалку шест милиметри. Ако возилото е со летни гуми, шарите треба да бидат длабоки најмалку четири милиметри и во возилото мора да има синџири за снег. Кај постојан погон на сите четири тркала, синџири треба да има најмалку за задната оска, а кај погон што се вклучува по потреба, за оската што е постојано во погон.
За возилата потешки од 3.500 килограми, прописот предвидува зимски гуми на погонските тркала со шари длабоки најмалку шест милиметри. Дозволени се и летни гуми со шари од најмалку четири милиметри, со соодветни синџири за погонските тркала или други соодветни помагала. Автобусите и товарните возила кај кои од технички причини не може да се постават синџири на погонските тркала мора да имаат зимски гуми на тие тркала и лопата.
Според МВР, зимските гуми се препознаваат по ознаките „MS“, „M+S“ или „M&S“ и симболот со снегулка во планина со три врва. Употребата на гуми со клинци е забранета. Полицијата апелира до возачите да ја почитуваат обврската за безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.


