
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево се одвива со одлична динамика. Силно сме посветени заедно со изведувачот и надзорот и согласно зададениот рок ќе го завршиме целосно, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
“Изведбата на автопатот оди со одлична динамика и морам да кажам дека сите се ангажирани и изведувачите и надзорот. Навистина прават одлична работа и се повеќе и јавноста може тоа да го види, така што остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите, до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи, нешто што, за жал, не сме го гледале често во минатото”- истакна заменик претседателот Николоски.
Тој потврди дека завршени се и градежните работи на потегот од Извор до Врбјани заедно со тунелите кај Пресека. Најави дека во моментов се спроведува најновата европска директива за безбедност во сообраќај за тунели.
“Од друга страна, оној најтежок дел, што оди од селото Извор -кичевско до селото Врбјани во Дебарца, очекувам во следните неколку недели да биде ставен во функција. Таму градежните работи се целосно завршени, што може да се види и со голо око. Пробиен е тунелот, двете тунелски цевки се пробиени, едната е во должина од 2.100 метри, втората е во должина од 1.990 метри и се работи за најдолги тунелски цевки во Македонија. Исто така четирите галерии што се на овој дел се завршени. Завршен е и целосно трупот на патот, мостовите, вијадуктите, така што од градежен аспект целокупната работа е завршена. Она што го правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот. И ова ќе е првпат оваа европска директива да биде применета не само во Македонија, туку во целиот регион и во таа насока во моментов се случуваат тестирањата” -изјави вицепремиерот Николоски.

