Skip to main content
Скопје

Се обновува жичарата на Водно, безбедноста на посетителите е приоритет

13/11/2026  13:08

Обновата на жичарата на Водно е насочена кон нејзино безбедно враќање во употреба за скопјани и посетителите на градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директорот на ЈСП „Скопје“ извршија увид во активностите, кои, според најавите, се одвиваат со засилен интензитет.

Во тек е темелна реконструкција на кабините, кои се спуштени од жичницата, како и замена на потребните делови. Моторот е испратен на репарирање во странство, а по неговото враќање треба да биде монтиран. На санацијата работат екипи на австрискиот производител „Допелмаер“.

ЈСП и скопската подружница на компанијата во септември склучиле договор за набавка на резервни делови, материјали и нивно монтирање, по спроведена постапка за преговарање. Вредноста на договорот е околу 860.000 евра.

Жичарата беше затворена на 25 април годинава, првично со најава дека нема да работи два дена. По проверките на стручниот тим од производителот, градските власти одлучиле да не ја враќаат во сообраќај поради утврдените сериозни недостатоци.

Ѓорѓиевски тврди дека проблемите се последица на долгогодишно неспроведување на големите сервиси и нередовно одржување од претходните раководства. Според него, обемниот зафат бил занемаруван речиси една деценија.

„За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис“, порача градоначалникот, нагласувајќи дека целта е сигурна работа и спокојство за секој посетител.

Се очекува реконструкцијата да заврши до средината на декември. Од ЈСП посочуваат дека рокот зависи од динамиката на техничките активности, а повторното возење од Средно Водно до Милениумскиот крст ќе следува по неопходните проверки и тестирања. Точниот датум дополнително ќе биде соопштен. Обновата треба повторно да го направи достапно едно од омилените скопски доживувања и погледот кон градот.