
Објавувањето на листите со даночни должници има слаб ефект врз наплатата на долговите кон државата, оцени економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Тој ја нарече практиката популистичка мерка и побара институциите да се насочат кон поефикасна наплата на неплатените обврски.
Според податоците на Управата за јавни приходи презентирани во емисијата, на последната листа има над 5.000 должници, меѓу кои граѓани и компании со неподмирени даночни обврски. Кај 3.207 должници, обврските се зголемиле за вкупно 177 милиони денари, а на листата се појавиле и 198 нови должници.
„За жал, ова се повторува, односно тие долгови се зголемуваат секој месец, сè повеќе и повеќе“, посочи Лазовски.
Запрашан дали даноците би се наплаќале поефикасно без таканаречените црни листи, аналитичарот ја доведе во прашање нивната практична улога.
„Тоа е популистичка мерка која останала, а се гледа дека не врши никаква функција“, истакна Лазовски.
Според него, приоритет на институциите треба да биде наплатата на веќе натрупаните долгови. Лазовски оцени дека подобрата даночна дисциплина и поефикасното собирање на јавните приходи се неопходни за стабилноста на државните финансии.


