
Цената на природниот гас за домаќинствата во Северна Македонија во првата половина од 2026 година била пониска од просечната цена во Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат која ја пренесува Euronews. Во Македонија цената изнесувала 10,8 евра за 100 киловат-часови, додека просекот во ЕУ бил 11 евра.
Во рамки на Европската Унија, најниска цена е забележана во Унгарија, каде што 100 киловат-часови чинеле 3,3 евра. Од друга страна, меѓу земјите со повисоки цени се Шведска со 22 евра, Холандија со 16,2 евра, Франција со 13,5 евра и Португалија со 12,6 евра.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Сител посочи дека енергетската криза создава сериозни предизвици, нагласувајќи дека цената на гасот на пазарите е значително зголемена во споредба со почетокот на претходната грејна сезона. Според неговата изјава, Владата работи на модели за справување со можните сценарија и спречување големи ценовни скокови.
Податоците за првата половина од годината покажуваат дека цената на гасот за домаќинствата во Македонија била под просекот на ЕУ во номинални евра. Сепак, кога се зема предвид куповната моќ, сликата е поинаква, што ја покажува важноста на поширокиот економски контекст при споредбата на цените.


