
Пратеничката Славјанка Петровска во Собранието на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, ја праша директорката на Агенцијата за разузнавање дали Агенцијата имала сознанија за можни безбедносни ризици поврзани со Алта банка пред случајот да стане предмет на јавна дебата и дали за тоа биле известени Владата или други надлежни институции.
Петровска го заснова прашањето на надлежностите утврдени во членовите 2, 3 и 4 од Законот за Агенција за разузнавање. Притоа посочи дека Агенцијата нема регулаторна улога во банкарскиот систем.
„Дали Агенцијата имала сознанија за можни ризици по безбедноста во смисла на нарушување на политичката и економската стабилност, но и за можни трансакции кон земји кон кои имаме воведено санкции, пред случајот со Алта банка да стане предмет на дебата во јавноста? Дали за тоа беа известени Владата или други надлежни институции?”, праша Петровска.
Во дополнителното прашање, Петровска побара одговор дали Агенцијата располага со потврдени или непотврдени сознанија за евентуални контакти со Давор Мацура во врска со Алта банка. Прашањето се однесуваше на можни контакти во текот на 2026 година, директно или преку посредници, со лица од политички партии во земјава или лица поврзани со нив, како и со лица од бизнис или медиумските кругови.

