Skip to main content
Свет

Инцидент при посетата на Бајден на Даблин: Демонстранти фрлаа предмети кон него

11/11/2026  09:01

Најмалку две лица се уапсени по инцидент пред колеџот „Тринити“ во Даблин, каде што поранешниот американски претседател Џо Бајден во вторникот присуствуваше на свеченост во чест на неговиот син Хантер. Додека Бајден и неговото семејство го напуштале објектот, дел од собраните се придвижиле кон нив и фрлале предмети, објавија ирските медиуми.

Пред колеџот се собрале пропалестински демонстранти, кои извикувале пораки против Бајден поради неговата политика кон Израел и војната во Газа. На местото интервенирале полициски службеници, вклучително и единици за одржување на јавниот ред.

Демонстрантите извикувале „Крв на вашите раце“ и „Срам да ви е“. Ирската полиција потврдила дека постапувала по пријава за инцидент во колеџот, без да соопшти дополнителни детали.

Ненајавената посета на Бајден била по повод доделувањето златен медал на Хантер Бајден за придонес кон јавната дебата, признание на универзитетското Историско друштво. На свеченоста присуствувала и поранешната прва дама Џил Бајден.

За време на престојот во Даблин, семејството Бајден се сретнало и со ирскиот премиер Михол Мартин. Тој соопшти дека разговарале за ирските корени на поранешниот претседател, неговите претходни посети и долгогодишната поддршка за Ирска.