Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Секој штедач и доверител на „Алта банка“ ќе биде обесштетен до последниот цент

05/11/2026  17:13

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека сите штедачи и доверители на „Алта банка“ Македонија ќе бидат обесштетени до последниот цент, дури и доколку банката влезе во стечај. Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, рече дека постојат две можни сценарија за банката, да се најде купувач кој ќе ја консолидира или, доколку тоа не успее, да се отвори стечајна постапка.

Мицкоски ја обвини опозицијата дека со јавните настапи создава паника, страв и хистерија кај граѓаните околу состојбата со банката, оценувајќи дека станува збор за проблем што е увезен од соседна Србија.

– Сакам да бидам многу јасен. Можни се две сценарија. Првото сценарио е да се обезбеди купувач, што ќе биде многу тешко. Гледате што прават, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купувачи кои ќе ја консолидираат банката. Тоа е едното сценарио. Второто сценарио е банката, ако нема купувач, да влезе во стечај, што значи дека ќе ја изгуби лиценцата за работа. Но, она што сакам да го испратам како порака до граѓаните, до штедачите и до доверителите е да бидат безбедни и спокојни, да не подлегнуваат на хистеријата, лагите, невистините и шпекулациите коишто доаѓаат од опозициската партија во случајот СДСМ – рече Мицкоски.

Тој посочи дека, според проверките со кои располага Владата, 95 до 96 проценти од штедачите имаат штедни влогови до 30.000 евра и дека тие се целосно загарантирани.

– Да бидат спокојни, до цент, до денар ќе им бидат вратени. Останатите кои што ќе влезат во стечајната маса, а тоа се неколку стотини, исто така да бидат спокојни. Зошто? Затоа што активата на банката е многу поголема отколку што се побарувањата, можеби два до три пати е поголема. Апелирам до граѓаните –  бидете спокојни, ве молам. Немојте да потпаѓате под хистеријата и лагите коишто ги испраќаат од опозицијата. Државата има инструменти, го следи процесот. Нема да остане ниту еден, ако дојде до најлошото сценарио банката да отиде во стечај, секој доверител, дали е тоа штедач или компанија ќе бидат обештетени до последниот цент. Но, она што ние сега го правиме бидејќи сме државотворна Влада, а не сме опозиција, којашто е оптоварена со внатрешни поделби и внатрешни неусогласувања и обвинувања, кој колку бил криминален, па сега го гледаат тоа како можност да се факторизираат и да создадат улична демократија, наместо ова што сме денеска, е пример за регионот – порача Мицкоски.

Осврнувајќи се на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „Алта банка“, Мицкоски рече дека, според информациите со кои располага, аквизицијата била реализирана по претходно спроведени законски процедури, со почитување на сите законски процеси од македонското апликативно право и по добиени позитивни мислења од надлежните институции. Тој наведе дека меѓу институциите што дале позитивни мислења се Комисијата за хартии од вредност и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Според неговото објаснување, на јавна аукција приватните акционери ги продале акциите на српската „Алта банка“, по што таа станала сопственик на Стопанска банка Битола, која потоа била ребрендирана во „Алта банка“ Македонија.

Мицкоски појасни дека преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската „Алта банка“ било трансакција меѓу приватни сопственици, која се спроведувала во Народната банка, без обврска Владата или Министерството за финансии да бидат претходно информирани.

– Банката ја купува приватно лице, приватна банка од приватни сопственици. Трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата да биде информирана, ниту Министерството за финансии да биде информирано. Целокупната трансакција се прави во Народната банка и стојам апсолутно зад тоа што го зборувам – изјави Мицкоски.

Тој појасни дека државата преку одредени јавни претпријатија имала мал процент акции во Стопанска банка Битола, но тие не биле продадени за време на јавната аукција поради ограничувањата во периодот на локалните избори.

– Ние не ги отуѓивме тие акции кога се случуваше јавната аукција, бидејќи беа локални избори, бевме ограничени законски и не можевме да отуѓуваме државен капитал. Откако ја добивме информацијата дека акционерите ги продале своите акции на новиот сопственик и дека тие акции се повеќе од 80-90 проценти, немаше повеќе смисла ние да остануваме сопственици во новото друштво со два до три проценти – рече Мицкоски.

Тој додаде дека веднаш по завршувањето на локалните избори во 2025 година, Владата донела одлука со која им препорачала на јавните претпријатија да ги понудат своите акции, доколку новиот сопственик е заинтересиран да ги купи.

Мицкоски нагласи дека Народната банка нема обврска да ги информира Владата или други институции кога потенцијален инвеститор ќе пројави интерес за купување банка, посочувајќи дека слични трансакции се случуваат и во други случаи во банкарскиот сектор.

Како пример ја спомена Шпаркасе банка, за која рече дека, според информациите што ги следеле и медиумите, постоел интерес за преземање од друга македонска банка.

Тој оцени дека случајот со „Алта банка“ е последица на случувањата во Србија, а не проблем што настанал во македонскиот банкарски систем. Притоа направи споредба со „Еуростандард банка“, за која рече дека пропаднала во време на претходната влада на СДСМ, обвинувајќи ја тогашната власт за нејзиното пропаѓање и наведувајќи дека поранешна министерка за финансии, како што рече, еден до два дена пред затворањето на банката повлекла депозити од 250.000 евра.

Мицкоски рече дека повеќе го загрижува можниот економски ефект од случувањата во Србија врз македонските компании кои имаат деловни партнери во соседната земја.

Тој посочи дека трговската размена меѓу Македонија и Србија во 2025 година изнесувала околу 1,2 милијарди евра, додавајќи дека неколку македонски компании веќе му се обратиле со проблеми поради блокираните средства на нивните партнери во „Алта банка“ во Србија.

– Неколку компании ми се јавија, македонски компании, кои велат дека мојот партнер е пред банкрот или е банкротиран во Србија, бидејќи му се блокирани средствата во „Алта банка“. Ме прашуваат што да правиме, ве молиме како Влада помагајте. Тоа ќе биде многу поголем проблем. Зошто? Бидејќи бизниси се затвораат, компании банкротираат, луѓе ќе остануваат без своите работни места, не само во Србија, туку и кај нас – рече Мицкоски.

Тој предупреди дека доколку состојбата во Србија не се консолидира во краток рок, може да има пошироки последици врз македонската економија и деловните субјекти кои соработуваат со српски партнери. Дополнително, изрази загриженост и за состојбите во Албанија, оценувајќи дека и таму може да се појават случувања кои во одреден момент би имале последици и врз земјава.

Премиерот ги спореди реакциите на опозицијата за „Алта банка“ со, како што рече, претходните обиди за создавање паника во јавноста околу заемот од Унгарија, стратешкиот договор со Обединетото Кралство и наводното доселување мигранти, како и со прогнозите за банкрот на државата. Тој рече дека и по промените во политичките околности во Унгарија и Србија продолжила истата реторика од опозицијата, додавајќи дека очекува таквите обвинувања да продолжат и во случајот со „Алта банка“.

Побара Јавното обвинителство да ги разгледа постапките на опозицијата, квалификувајќи ги како „саботажа“ и повикувајќи се на одредбите од Кривичниот законик.

– Ред е и Јавното обвинителство да се позанимава, согласно Кривичниот законик, со ова кривично дело саботажа што го прави опозицијата, која свесно го урива Уставот и државниот поредок, ширејќи невистини, создавајќи немир и чувство на несигурност кај граѓаните. Ова кривично дело се казнува со казна затвор од најмалку три години и по оној Кривичен законик што тие го сменија во 2023 година – рече Мицкоски.