
Политичкиот договор за долгорочните државни интереси не е предавство, ниту попуштање, туку начин државата да се движи напред, порача заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за телевизија Сител. Говорејќи во контекст на блокираните евроинтеграции, таа оцени дека поддршката од меѓународните партнери е важна, но не може да го замени домашниот политички консензус.
„За некои работи мора да се конфронтираш, мора да се расправаш. Но има теми, особено подолгорочните, за кои од време на време мора да направиш и некоја согласност. Тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен. Тоа е како заедно да ја туркате државата напред“, изјави Шекеринска.
Според неа, македонското општество станало премногу црно-бело, со изразена склоност да се критикуваат политичките противници, а да се оправдуваат сопствените редови. Оддалечувањето од домашната политичка арена, како што рече, ѝ овозможило појасно да ги согледа ваквите слабости.
Таа нагласи дека дебатата, несогласувањата и политичката конфронтација се неопходни за демократијата, но предупреди дека претворањето на секое прашање во политичка пресметка има сериозна цена.
„За големи држави е неиздржлива, за малите е самоубиствена“, оцени Шекеринска за политичката поларизација.
Во однос на европската интеграција, таа посочи дека не сака да дели совети од позиција на некој што не е дел ниту од Европската Унија ниту од домашниот политички систем. Сепак, предупреди дека отсуството од институциите во кои се носат одлуките значи и помала можност да се влијае врз нив.
„Кога не сте на масата, одлуките нема да ги пресликуваат вашите приоритети и вашите потреби“, рече таа.
Членството во НАТО, според Шекеринска, покажува колку е значајно државата да учествува во процесите на одлучување.
„На темите за безбедност ние сме на масата, и сакам да бидеме и на сите други важни маси“, порача таа.
Искуството со влезот во Алијансата го посочи како доказ дека и прашањата што со години изгледаат нерешливи можат да добијат позитивен исход. Потсетувајќи на времето кога Македонија била партнерска земја на НАТО, таа рече дека членството изгледало како далечна цел, во услови на отворен спор со Грција и ограничен интерес за проширување.
Денес, како што истакна, земјата не само што е членка, туку има свој претставник на втората највисока функција во Алијансата.
„Во речиси 80-годишната историја на Алијансата, само шест земји членки имале заменик-генерален секретар. Ние сме седмата. Тоа треба да ни дава малку повеќе самодоверба и многу повеќе храброст“, нагласи Шекеринска.
Таа порача дека ваквото достигнување треба да биде охрабрување за целото општество дека големината на државата не ги одредува границите на нејзините можности.
„Кога ќе влезам во просторијата на Северноатлантскиот совет, се обидувам да се потсетам дека кога навистина се сака, некои работи можат да се направат. И мала држава и сите ние во неа, можеме да скокнеме повисоко, да постигнеме нешто што ни изгледало невозможно“, рече таа.
Покрај поларизацијата, Шекеринска ја издвои и пасивноста како сериозна слабост – навиката да се препознаваат и набројуваат проблемите, без да се понудат решенија.
„Секојпат кога нешто критикувам, најдобрата критика е ако најдам подобро решение. Кај нас некако како да нè парализира проблемот“, оцени таа.
Според неа, особено опасно е очекувањето дека некој однадвор ќе ги реши домашните предизвици.
„Ни Брисел, ни Вашингтон, ни Берлин нема да го осмислат македонското решение – тоа мора да го направат самите граѓани и институции“, порача Шекеринска.
Таа предупреди и на губењето на човечкиот потенцијал. Во европските центри, како што рече, среќава многу успешни Македонци кои сакаат да помогнат, но неопходно е државата да создаде услови во кои знаењето ќе се вреднува, а способните луѓе ќе добиваат можност да придонесат.
Говорејќи за работата во НАТО, Шекеринска објасни дека градењето консензус меѓу 32 сојузници покажува оти влијанието не зависи исклучиво од големината на државата. Подготвеноста, брзината и способноста да се понудат решенија можат значително да ја приближат заедничката одлука до сопствените позиции.
Во интервјуто таа се осврна и на значењето на Западен Балкан за колективната безбедност. Како конкретен показател го посочи повеќедецениското присуство на КФОР на Косово, нагласувајќи дека ангажманот на Алијансата произлегува од заедничката оценка на сојузниците за стратешката важност на регионот.
Шекеринска порача дека на Македонија ѝ се потребни повеќе самодоверба, доверба меѓу граѓаните и институциите и подготвеност за заедничка одговорност. Искуството од надминатите кризи, според неа, треба да биде поттик за решавање на новите предизвици, а не причина за повлекување пред нив.
„Парализата е опасна. Мора да почувствуваме дека можеме“, порача таа.


