
Едно лице е убиено, а шест се повредени во пукотница во продавница за костими и декорации за Ноќта на вештерките во Калифорнија, објави денес АП.
Пукањето се случило во петокот навечер, во пресрет на Ноќта на вештерките, во продавницата лоцирана во трговскиот центар „Солано Таун Центар“ во општина Ферфилд, соопшти полицијата.
Сите седум лица се здобиле со прострелни рани, вклучувајќи го и лицето кое починало од повредите. Другите шестмина биле однесени во болници, а најмалку три лица се во критична состојба.
Полицијата соопшти дека истрагата е во тек и дека истражителите разговараат со сведоци за да го идентификуваат осомничениот.
Ферфилд се наоѓа околу 60 километри североисточно од Сакраменто.

