
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека мафијашките структури што се демонтираат во Србија го пренеле своето влијание во Македонија преку врските на СНС со ВМРО и Христијан Мицкоски. Тој побара институционална истрага за влезот на Алта банка во земјата, оставка од гувернерот Трајко Славески и одговори за безбедноста на депозитите на граѓаните и јавните претпријатија.

„И кога ќе прашате што е српскиот свет, српскиот свет не е братскиот српски народ. Српскиот свет е оваа мафија којашто сега граѓаните и институциите во Србија ја демонтираат, а кај нас се пренесе како директно влијание од СНС на ВМРО и на Христијан Мицкоски”, истакна Филипче.
Тој порача дека СДСМ речиси една година предупредува за овие влијанија и врски.
„Се распаѓа Балканскиот картел. Се распаѓа балканската мафија. Тргна од Орбан, Вучиќ падна, следен е Христијан Мицкоски”, рече претседателот на СДСМ.
Филипче ги посочи скандалите, кримаинлните шеми, Стоилковиќ, влезот на медиумите Арена и Евроњуз, како и врските на премиерот со конзулот Адамовиќ. Тој обвини дека Мицкоски не одговара на поставените прашања и не реагира на спорните постапки.
Во фокусот на неговото обраќање беше Алта банка, за чие работење, СДСМ предупредува со месеци.
„Нашиот АКТ тим на вакво сомнително работење на Алта банка во Србија уште во декември лани го постави прашањето зошто се дозволи влез во нашата земја. Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или сепак многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија”, потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ побара итни и јасни одговори од Народната банка за депозитите и повика на истрага и одговорност.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија”, рече тој.
Филипче го повика гувернерот јавно да се обрати и да ја преземе одговорноста, а Обвинителството да поведе истрага.
„Гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага”, подвлече Филипче.
Тој оцени дека начинот на владеење ја загрозува иднината на државата и ги става личните интереси пред интересите на граѓаните.
„Една мала група на луѓе околу Христијан Мицкоски ја држи во заложништво целата земја”, порача претседателот на СДСМ.

