
Канадскиот рок музичар Брајан Адамс објави нова песна насловена „Езеро Онтарио“, во која го критикува американскиот претседател Доналд Трамп поради неговиот потег за преименување на езерото во „Езеро Америка“. Според информациите на „Холивуд репортер“, песната објавена на Јутјуб и на другите социјални медиуми, е музички одговор за постапките на претседателот, без да биде именуван.
Во видео спотот Адамс стои на голема карпа покрај езерото кое поради царински и трговски конфликт со Канада беше преименувано.
„Езеро на блескави води, така го нарекувале Ирокезите. Тоа е име на домородните народи, а не име доделено со извршна наредба“, се вели во текстот. Во продолжение се вели дека промената на името е обид да се одвлече вниманието од проблемите со кои се соочува администрацијата на Трамп.
Говорејќи за песната на својата официјална интернет страница, истакна дека таа претставува одговор на обидите за промена на името на езерото, кое со векови претставува трајна географска врска меѓу Канада и САД.
„Империите и режимите, диктаторите и кралевите, сите тие доаѓаат и си одат. Езерото Онтарио е вечно. Ова е песна за сите разумни луѓе на двете страни од езерото кои знаат дека сегашното лудило ќе помине и дека езерото засекогаш ќе остане езеро Онтарио“, напиша пејачот.
По повод Денот на Канада, на први 1 јули годинава, пејачот ја објави и протестната песна „51. сојузна држава“ (51st State), по изјавите на Трамп за можноста Канада да стане 51. сојузна држава на САД.
Брајан Адамс е канадски кантавтор, гитарист и фотограф кој славата ја стекна со хитовите „Summer of ’69“ и „Everything I Do (I Do It for You). Во тек на својата музичка кариера ја освои љубовта од публиката благодарение на љубовните балади и рок химни со кои остави значаен белег на светската музичка сцена.
Во 2011 година се појави и на Холивудската патека на славните, а признанија доби и од Канадската патека на славните, како и од Канадската куќа на славните од радиодифузијата.

Новиот албум „How’s It Goin“ ќе биде објавен на шести ноември.

