
Десетици илјади луѓе, главно студенти и работници, денеска излегоа на улиците ширум Италија, барајќи повисоки плати и подобри јавни услуги и протестирајќи против високите трошоци за живот и поголемите издвојувања за вооружување.

Синдикатот Unione Sindacale di Base свика генерален, 24-часовен штрајк, со протести планирани во повеќе од 40 градови.
Собирите се одржуваат по протестите претходно овој месец кои завршија со насилни судири со полицијата, грабежи на продавници и вандализам врз имот.
Денешните демонстрации главно поминаа мирно, но полицијата во северозападниот град Торино употребила воден топ за да ги растера студентите и левичарските активисти кои се приближиле до безбедносните коридори пред зградата на префектурата.
Во Рим, голем марш помина покрај Колосеумот. Демонстрантите таму поставија шатори и најавија дека ќе останат преку викендот. На некои улици биле поставени контејнери за ѓубре кои потоа биле запалени.
Во Милано, демонстрантите маршираа по градската обиколница, а потоа го завршија протестот пред универзитетот.
Во Џенова, околу 15 илјади пристанишни работници, студенти и други демонстранти влегоа во пристаништата, приклучувајќи им се на сличните собири во Европа и во светот против користењето на пристаништата за извоз на вооружување. Притоа ги истакнаа и страдањата на морнарите во конфликтите ширум светот, од Заливот до Црното Море.
Освен Италија, бран протести истовремено зафати многу земји во Европа, како Франција, Шпанија, Белгија, Албанија и Португалија, во голем дел мотивиран од незадоволството против високите трошоци за живот.


