Skip to main content
Македонија

Акција во ФЗО и „Санте плус“: Сомневања за милионски злоупотреби и оштетени пациенти

29/10/2026  11:25

Ден Дончев, поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување, е првопријавен во денешната полициска акција поврзана со сомневања за злоупотреби во ФЗО и во приватната болница „Санте плус“, според првичните неофицијални информации.

Под истрага се поранешни и сегашни одговорни лица во болницата, како и лица од Фондот. Сомневањата се однесуваат на повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари. Дел од наводните незаконитости се поврзани со операции на очите.

Според неофицијалните информации, меѓу пријавените се Ридван Асани, поранешен претседател на Управниот одбор на ФЗО; Весна Ќамилова, поранешна управителка на „Санте плус“; Салих Бозгурт, поранешен сопственик и овластено лице во болницата; Селма Амет, сегашна управителка, и Гериана Арапи, поранешна директорка на болницата.

Меѓу пријавените се наведуваат и Цветен Серафимовски, поранешен раководител на Секторот за контрола во ФЗО; Жаклина Стаменкова, поранешна директорка на Подрачната единица на ФЗО во Скопје, и Ирена Поповска, сегашна раководителка на истата подрачна единица.

Штетата за буџетот, според истите информации, се проценува на повеќе од 1,5 милиони евра, додека наводната противправно стекната имотна корист за „Санте плус“ изнесува околу четири милиони евра. Се наведува дека биле оштетени и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.

Во рамките на акцијата, полицијата утрово спроведе претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и во Куманово.

Од надлежните институции се очекуваат официјални детали за случајот и за поединечната улога на пријавените лица.