Skip to main content
Економија

Филипче: Долгот ќе стигне до 12 милијарди евра, државата нема да може ниту камати да плаќа

23/10/2026  11:07

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Алсат ТВ, укажа дека владата на Мицкоски ја задолжува државата со милијарди евра нови долгови, а граѓаните не гледаат подобар животен стандард ниту придобивки од задолжувањата. Филипче  предупреди дека со новото задолжување вкупниот долг на државата ќе достигне 12 милијарди евра, а товарот ќе го плаќаат идните генерации.

„Сега ќе се задолжат уште 1,3 милијарди евра, ќе порасне вкупниот долг од 8 на 12 милијарди евра, 4 милијарди евра, 50% повеќе за не цели 3 години”, рече Филипче.

Тој додаде дека последиците од ваквата погубна политика на власта ги трпат идните генерации кои  допрва треба да ја градат својата иднина во државата.

„Тоа ќе го враќаат следните генерации, ќе дојде време кога државата нема да може ни каматите да ги врати”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека целокупната економска политика на Мицкоски е катастрофална и државата ја носи во бездна.

„Катастрофална е состојбата  и за некои категории на граѓани и неиздржлива. Економијата, Христијан Мицкоски и оваа влада ја водат во бездна. Околу 1 милијарда евра недостасуваат во буџетот, околу 1 милијарда евра недостасуваат во Фондот за пензиско осигурување.Зошто втор ребаланс? Ниту една држава не прави втор ребаланс. Знаете зошто е вториот ребаланс? Да се пополнат дупките, да може да се исплатат мизерно ниските плати, затоа што нема пари за нив”, рече Филипче.

Филипче посочи дека граѓаните немаат никаков бенефит од скапите задолжувања на власта и најдобро гледаат и чувствуваат на своја кожа колку лошо живеат – со високи цени, ниски плати и неможност да им обезбедат пристоен живот на своите семејства. 

„Тие гледаат како се работи економијата и како функционира државата, најдобро по нивните фрижидери и што можат да им обезбедат на децата.Не можат месецот да го поминат. Празни се паричниците, празни се фрижидерите. Луѓето гладуваат. Не може да не им се излезе во пресрет вака како што владее Христијан Мицкоски, ниту знае економски да ја менаџира државата, ниту има чувство како се менаџира мултиетничка држава, тој е заинтересиран само за неговите интереси”, рече Филипче.