
Коста Начевски, долгогодишен член на СДСМ и поддржувач на платформата за реформи во партијата, упати остри критики кон Венко Филипче, тврдејќи дека зад неговото доаѓање на лидерската позиција стои Зоран Заев. Во интервју за „МКД.мк“, Начевски порача дека прв услов за внатрепартиски политички дијалог е неотповиклива оставка на Филипче.
Начевски, кој е член на СДСМ од 1994 година во општинската организација во Бутел, го оспорува начинот на кој Филипче дошол на чело на партијата и смета дека неговата позиција е резултат на поддршката од поранешниот лидер.
„Да не стои Зоран Заев зад Венко Филипче, тој немаше да може да влезе на ‘Бихаќка’, а камоли да стане вршител на должноста претседател на партијата“, изјави Начевски.
Тој изнесе и обвинувања за злоупотреби на картички за гласање на внатрепартиските избори, оспорувајќи ја нивната демократска веродостојност. Според него, моделот во кој членството избира претседател на партијата, додека претседателите на општинските организации се именуваат од раководството, не донел подобри изборни резултати.
Начевски нагласува дека решението за состојбите во СДСМ не го гледа во договори за поделба на партиските функции. Како што вели, кадровското „лепење“ меѓу различни групи веќе било практикувано и не дало резултати.
„Воспоставувањето внатрешен политички дијалог има еден услов, а тоа е неотповиклива оставка на Венко Филипче“, порача тој, оценувајќи дека тоа би бил првиот чекор кон промена на односот кон членовите што размислуваат поинаку.
Според Начевски, платформата веќе доставила план за структурни реформи во партиската архива. Целта, како што објаснува, е СДСМ да добие нов програмски пристап, идентитет и тим, со кои би можел повторно да стане носител на пошироко опозициско обединување.
Тој посочи дека рокот за предложените реформи е април 2027 година. На прашањето за можни предвремени парламентарни избори во тој период, Начевски изјави дека иницијативата нема да учествува на нив.
„Доколку има предвремени избори во април 2027, ние нема да учествуваме, но имало или не предвремени избори, нашиот план за структурни реформи на СДСМ има рок до април“, рече тој.
Начевски истовремено ја отфрли можноста целта на платформата да биде формирање нова партија. Наместо тоа, најавува работа на нова коалиција што би ја обединила прогресивната опозициска јавност и би го одразувала мултиетничкиот карактер на државата.
Особено критичен беше кон партиското толкување на изборниот резултат во Брвеница. Според него, раководството претставува пораз како успех, истакнувајќи раст во однос на еден изборен резултат, а премолчувајќи ја споредбата со гласовите за советничката листа.
„Сите се стремат кон победа, само ова раководство слави пораз“, оцени Начевски.
Тој смета дека СДСМ не успева да им се обрати на младите и да ја врати довербата на разочараните гласачи. Според проценките што ги изнесе, постои простор за придобивање меѓу 200 и 250 илјади гласачи кои во моментот не препознаваат политичка алтернатива.
Осврнувајќи се на одговорноста за состојбите во партијата, Начевски тврди дека критики и предупредувања имало и за време на владеењето на СДСМ од 2017 до 2024 година. Сепак, признава дека тие требало порано и погласно да бидат изнесени пред јавноста.
„Од оваа перспектива гледано нема никаква дилема дека било неопходно многу порано да бидеме гласни и во јавноста“, изјави Начевски.
Извор и Фото: МКД.мк


