
Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организацијa – Гази Баба ги отвори новите канцелариски простории во состав на Културниот дом „11 Октомври” во населбата Ченто.
Како што објаснува секретарот на Црвениот крст Гази Баба, Здравко Георгиевски, целосно реновираните простории со поддршка од градоначалникот на Општина Гази Баба и Советот на Општината, го потврдуваат значењето на соработката меѓу локалната самоуправа и Црвениот крст, со заедничка цел да се создадат подобри услови за работа и уште подобра поддршка за граѓаните.
По повод отворање на новите простории, генералниот секретар додели плакета на градоначалникот на општина Гази Баба, м-р Бобан Стефковски додека Општинската организација на Црвен крст Гази Баба додели благодарници на Советот на Општина Гази Баба, на ИТЕК системи, на Наста Дракулевска, на Дизајн мебел Петрески и на НОРМАК Арбак Арсова ДОО.
Поздравни обраќања по повод отворањето на просториите имаа претседателот на Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Гази Баба – Скопје, проф. д-р Снежана Мојсоска, потоа генералниот секретар на Црвен крст на Република Северна Македонија, проф. д-р Саит Саити и градоначалникот на Општина Гази Баба, м-р Бобан Стефковски.
Црвениот крст е организација која својата сила ја темели на луѓето на оние кои помагаат, кои волонтираат, кои препознаваат потреба и не остануваат неми набљудувачи.


