
СДСМ не ги исполнил ветувањата за внатрепартиска демократизација и поголемо учество на членството во одлучувањето, оцени Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според неа, и две години по најавите за промени, клучните одлуки остануваат централизирани, а членовите немаат доволно влијание врз партиските процеси.
Петровска потсети дека демократизацијата била едно од ветувањата во периодот на изборот на новото партиско раководство, претставено како одговор на слабостите од минатото.
„Рековме дека, како научена лекција од минатото, тоа ќе го промениме, но, како што гледате, и две години подоцна, тоа не е променето“, истакна Петровска.
Таа порача дека членството не смее да се повикува само за време на избори, протести или настани на кои треба да се покаже масовност. Наместо тоа, според неа, членовите мора да добијат вистинска можност да влијаат врз одлуките и врз изборот на луѓето што ќе ги претставуваат.
Во таа насока, Петровска се заложи за поголема вклученост на членството во изборот на претседатели на општинските организации, како и на кандидати за градоначалници, советници и пратеници. Таа оцени дека прекумерната централизација создава незадоволство и го ограничува учеството на членовите во определувањето на политичката насока на СДСМ.
Петровска нагласи дека барањето за демократизација не подразбира укинување на директниот избор на партискиот претседател. Напротив, според неа, демократските принципи треба да се прошират и врз другите процеси во партијата.
Неисполнетите ветувања за внатрешни реформи, оцени таа, се меѓу причините за растечкото незадоволство во СДСМ и за барањата членството да добие посуштинска улога во одлучувањето.


