
Соопштение за јавност на ЛДП:
Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја водат јавната дебата низ стари политички рамки и препирки за тоа дали ни требаат 30.000, 50.000 или 100.000 странски работници до 2030 година, светот веќе длабоко чекори во ерата на вештачката интелигенција и автономните дигитални агенти! Наместо сериозна стратегија за развој на државата, повторно слушаме политички надмудрувања, ширење стравови и лицитирање со бројки, додека вистинските предизвици на иднината остануваат на маргините.
Не го потценувајте народот – какви црни мигрантски фантоми кога државата сѐ уште нема сериозна стратегија како да ја искористи вештачката интелигенција, ниту како да ги подготви институциите и граѓаните за промените што доаѓаат?
Вистинското прашање за 2030 година не е само колку работници ќе ни недостигаат, туку колку работни места ќе се трансформираат со новите технологии. Наместо постојано да зборуваме за увоз на работна сила, треба да отвориме дебата за иднината на јавната администрација, во која десетици илјади административни задачи можат да бидат автоматизирани со помош на вештачката интелигенција!
Технологијата нема да работи по телефонска партиска наредба, нема да уценува за гласови и нема да бара партиска книшка за да му заврши работа на граѓанинот. Дигитализацијата може конечно да стави крај на дел од хаосот што го создадоа децениското партизирање, неефикасноста и погрешното управување со институциите.
На нас од Либерално-демократската партија (ЛДП) ни е јасно во која насока се движи светот. Време е ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, па и ДУИ, да покажат дека можат да излезат од старите политички матрици и да понудат вистински решенија за иднината. Особено власта мора да разбере дека државата не смее да биде плен за партиски вработувања и политички привилегии. Наместо милиони евра за партиски институти и бескрајни политички препукувања, потребни ни се инвестиции во знаење, дигитални вештини, модерни институции и нови технологии што ќе им служат на граѓаните.
Престанете да ги замајувате граѓаните со измислени кризи и почнете да ја подготвувате Македонија за иднината! Политичките партии можат да останат заглавени во минатото, но Македонија не смее да остане таму со нив. 21 век одамна започна. Време е и македонската политика да пристигне во него!


