Skip to main content
Економија

Средба на гувернерот Славески со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли

15/10/2026  09:17

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Бангкок, Тајланд. Во фокусот на разговорите беа актуелните макроекономски состојби, предизвиците од глобалното окружување и значењето на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на централните банки за одржување на макроекономската стабилност. На средбата присуствуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во услови на продолжена геополитичка неизвесност и нестабилност на светските пазари, беше истакната важноста на внимателното водење на макроекономските политики, особено за малите и отворени економии коишто се изложени на надворешни ценовни шокови. Во овој контекст, беше нагласено дека навремените и соодветни мерки на Народната банка придонесоа за стабилизирање на инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и зајакнување на отпорноста на домашната економија. Сепак, неизвесностите поврзани со движењата на цените на енергенсите и нивните можни преносни ефекти врз домашните цени и натаму бараат внимателно следење и одлучување засновано врз податоци и стручни анализи.

Посебен акцент беше ставен на значењето на независноста на централната банка и на јасно дефинираниот законски мандат, како предуслови за доследно спроведување на монетарната политика и зачувување на ценовната стабилност. Независноста, заедно со транспарентноста, отчетноста и јасната комуникација со јавноста, придонесува за зајакнување на институционалниот кредибилитет и довербата во централната банка, како и за подобро зацврстување на инфлациските очекувања. Овие предуслови се особено важни за мала и отворена економија со стратегија на одржување стабилен девизен курс, каде што довербата во монетарните и финансиските институции има значајна улога во зачувувањето на стабилноста.

Во разговорите беше истакнато и досегашното унапредување на институционалните рамки, транспарентноста и комуникацијата на Народната банка. Во таа насока, значајна е и соработката со ММФ, вклучително и преку примената на Кодексот за транспарентност на централните банки, којшто овозможува оценување на практиките на централните банки и утврдување можности за нивно натамошно унапредување. Народната банка и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува своите капацитети и да ги унапредува практиките на транспарентност и отчетност, во согласност со највисоките меѓународни стандарди.

На средбата беше потврдена заемната определба за продолжување на успешната соработка меѓу Народната банка и ММФ, којашто преку советодавна поддршка, техничка помош и јакнење на институционалните капацитети, придонесува за унапредување на централнобанкарските функции и за одржување на ценовната и финансиската стабилност.