
Дваесет и девет лица се повредени, а 35 се приведени по насилните судири меѓу демонстрантите и полицијата во Тирана на 14 октомври. Според албанското Министерство за здравство, меѓу повредените се 23 полицајци, петмина демонстранти и еден минувач, кои добиле медицинска помош во болницата за трауматологија.

Во текот на немирите беа оштетени државни институции, банки и приватни објекти. Дел од демонстрантите фрлаа камења и палеа огнови, а полицијата употреби солзавец и водени топови. Судирите траеја повеќе часови.
Студентските организатори бараат подобри услови на универзитетите, пониски трошоци за студирање, поголема финансиска поддршка и подобри можности за вработување по дипломирањето. Протестите се поврзаа и со поширокото незадоволство од владата на премиерот Еди Рама и обвинувањата за корупција.
Претседателот Бајрам Бегај го осуди насилството и повика на смирување на состојбата и почитување на законите.
Албанската полиција ги повика учесниците да се дистанцираат од маскираните лица и од оние што напаѓаат полицајци или уништуваат имот.
Министерот за внатрешни работи Ервин Демо нагласи дека мирниот протест е демократско право, но и дека полициските интервенции мора да бидат законски, неопходни и пропорционални. Тој најави непристрасно испитување на наводите за незаконска или прекумерна употреба на сила и побара одговорноста да се утврдува поединечно, врз основа на докази.

