Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Додека не најдеме законско и прифатливо решение, нацрт-ДУП-от „Барутана” нема да го ставам на дневен ред на Советот

14/10/2026  11:53

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека нацрт-ДУП-от „Барутана” нема да биде ставен на дневен ред на Советот сè додека не се најде законски издржано и прифатливо решение за сите отворени прашања, особено за стабилноста на теренот и пристапната сообраќајница.

„Мојот став е јасен. Сè додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, јас како градоначалник нема да предложам овој нацрт-ДУП да биде ставен на дневен ред на Советот. За Водно мора да бидеме особено внимателни. Не е доволно само да се исполнат формалните процедури, туку мора да бидеме сигурни дека решенијата се безбедни, законски и во интерес на граѓаните”, истакна Герасимовски.

Тој информираше дека Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) дала позитивно мислење за нацрт-ДУП-от „Барутана”, потврдувајќи дека условите од областа на заштитата и спасувањето се соодветно вградени во планската документација.

Позитивни мислења и оценки доставиле и Комисијата за урбанизам на Град Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности, ЈП „Водовод и канализација” – Скопје, Секторот за води и Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за електронски комуникации, ЕСМ-Топлификација, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Управата за заштита на културното наследство, АД „Водостопанство” и Министерството за внатрешни работи.

Герасимовски нагласи дека позитивните мислења од институциите не значат автоматско донесување на нацрт-ДУП-от, ниту дека со нив завршува постапката.

„Мислењата на институциите се важни, но за мене е подеднакво важно да ги отстраниме сите сомнежи околу стабилноста на теренот. Затоа, покрај анализите што веќе ги имаме, ќе ѝ наложиме на планерската куќа да нарача посебна студија од Градежниот факултет за процена на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. Сакам да имаме јасна и целосна стручна слика пред да се носат какви било конечни одлуки”, рече Герасимовски.

На крај, Герасимовски потенцираше уште еднаш дека Општината има законска обврска да ја води постапката за нацрт-ДУП-от „Барутана”, но тоа не значи дека планот мора да биде усвоен.

„Имаме законска обврска да ја водиме постапката, но тоа не значи дека нацрт-ДУП-от мора да биде усвоен по секоја цена. Ќе ги разгледаме сите забелешки, ќе ги направиме потребните дополнителни анализи и ќе бараме решение кое нема да ја доведе во прашање безбедноста на граѓаните. Додека не ги расчистиме овие прашања, нема да предложам нацрт-ДУП-от „Барутана” да се најде на дневен ред на Советот”, порача Герасимовски.