
Саудиски државјанин вработен во компанијата „ОпенАИ“ (OpenAI), која го разви ChatGPT, е уапсен под сомнение дека поставил уред за прислушување во конференциска сала каде што често се разговара за компаниски тајни, соопштија компанијата и американското Министерство за правда.
Случајот го истражува ФБИ, пренесе ДПА.
Уредот за снимање бил откриен пред две недели и очигледно бил поставен во конференциската сала во Сан Франциско околу два дена претходно, соопштија истражителите. Тој бил вклучен во УСБ-порта на задната страна од телевизор и бил скриен во тоалетна хартија.
Безбедносните камери го снимиле 35-годишниот вработен во близина на конференциската сала кон крајот на септември, иако тој немал овластување да влегува во неа, наведува Министерството за правда. Истражителите објавија и снимка која го прикажува како подоцна се обидува да погледне зад телевизорот.
Истражителите утврдиле дека преку сметка за четбот поврзана со сопругата на вработениот биле вршени пребарувања за уреди за снимање. Историјата на разговорот исто така содржела детали кои се совпаѓаат со уредот пронајден во конференциската сала, соопшти министерството.
Доколку биде прогласен за виновен, вработениот се соочува со затворска казна до пет години и парична казна до 250.000 долари.
Директорот на националното разузнавање, Џеј Клејтон, изјави дека случајот ја истакнува важноста од победата во трката за развој на вештачката интелигенција за националната безбедност на САД. Претседателот Доналд Трамп му додели на Клејтон и централна улога во надзорот над вештачката интелигенција.
Случајот доаѓа откако еден истражувач за вештачка интелигенција, кој во меѓувреме стана свиркач, сугерираше дека кинески шпиони се инфилтрирале во главните лаборатории за вештачка интелигенција во „OpenAI“ и „Anthropic“. Тој не приложи докази во поддршка на ова тврдење.



