Skip to main content
Македонија

ЛДП: „Туристичка агенција МВР” – Премиерот го нема ни за лек, а бегалците слават на слобода

14/10/2026  10:26

Соопштение на ЛДП:

Додека државната граница функционира како пропустлив синус каде што со обична македонска лична карта и без евиденција се преминува во странство, се поставува клучното прашање: Го видел некој премиерот? Човекот кој обично свечено отвара трафики, пиљари и коментира кога ќе се прска за комарци, за овој мегаскандал во кој се заглавени повеќе министерства и служби го нема никаде! Да не избега и тој нелегално во Бугарија?! Или си премиер и лидер што сноси одговорност, или те нема кога гори државата!

Ова веќе не е институционален колапс, туку сурова црна трагикомедија во која системот е целосно парализиран. Истиот ден кога судот и обвинителството побараа нов притвор за бегалката Ива Михаилова, од притвор насмеан и раат излезе бившиот бегалец Артан Груби. Додека министерот Панче Тошковски признава дека лицето нелегално ја напуштило Македонија и дека се проверуваат снимките на границата, граѓаните сведочат како правдата во Македонија е целосно згазена, а законите важат само за оние кои немаат партиски штит.

Додека милиони евра од државната каса се истураат за помпезни прослави, концерти со светски ѕвезди и споменици со милионски хонорари по стара „стевановска” матрица, институциите напредуваат само во дисциплината како да се ослободат од одговорност. Пораката која се испраќа е претерано опасна: ако ви се може, кршете ги мерките, бегајте преку граница без пасош со лична карта, прошетајте се во странство и сликајте се како жртви, бидејќи обвинителствата се разбудија дури кога птиците веќе одлетаа.

ЛДП повторно јасно порачува: Доста е од евтин политички театар, национал-шовинистички манипулации и префрлање на топката врз грбот на човечки трагедии. Ако премиерот, министрите и раководителите на безбедносните служби не можат да ја чуваат сопствената државна граница ниту да воспостават владеење на правото, најмалку што можат да сторат е да си поднесат оставки и да отворат приватна агенција за „VIP бегства без печат”. Време е за итна ревизија на целиот правосуден систем, пред државата целосно да ни се претвори во приватна агенција за бегалци со државен благослов!