
Во вчерашниот руски ракетен напад врз станбена област во Писочин, населба во близина на Харков, загинаа најмалку три лица, а 25 други беа повредени.
Украинската национална полиција објави дека меѓу загинатите се едно 16-годишно момче и две жени на возраст од 19 и 51 година. Ракетата паднала недалеку од продавница и станбени згради, пишува „Киев Индепендент“ .
Меѓу повредените имало две девојчиња, на возраст од девет и 13 години. Сите биле однесени во болница, а сериозноста на нивните повреди сè уште не е објавена.
Нови напади врз регионот Харков
Нападот во Писочин се случи истиот ден кога Харков, вториот по големина град во Украина, беше погоден од две наведувани бомби. Во нападот врз градот, во областа Немишлански, загина едно лице, а најмалку осум други беа повредени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја истакна фреквенцијата на руските напади. „Само оваа недела, Русите лансираа околу 1.450 воздушни бомби, 75 ракети од различни видови и повеќе од 1.640 борбени дронови, од кои околу 60 проценти се на млазен погон“, рече Зеленски.
Русија редовно извршува напади врз цивилната инфраструктура низ цела Украина. Харков и околината се честа цел поради нивната близина до фронтовската линија.


