
Стравична трагедија ја потресе американската сојузна држава Пенсилванија, откако осум лица, меѓу кои две мали деца и бремена жена, беа убиени во масовно пукање во градот Ири. Напаѓачот потоа си го одзел животот, со што вкупниот број загинати се искачи на девет.

Крвавиот напад се случил во петокот, 9 октомври, во семејна куќа на улицата „Пери“, каде што 45-годишен маж отворил оган врз повеќе лица. Според најновите информации од американските власти, седум од осумте жртви биле во роднинска врска со напаѓачот, додека осмата била пријателка на бремената жена.
Меѓу загинатите се и две деца на возраст од две и пет години.
Полицијата била алармирана околу 17 часот, откако биле пријавени истрели во станбената населба. Кога полициските службеници пристигнале на местото, на улицата пронашле две жени со смртоносни прострелни рани.
При претресот на куќата биле откриени телата на останатите жртви, како и телото на напаѓачот, кој, според првичните сознанија, починал од самонанесена прострелна рана.
Шефот на полицијата во Ири, Рик Лорах, изјавил дека станува збор за една од најтешките трагедии со кои се соочил во својата долгогодишна полициска кариера.
Тој нагласил дека загубата на толку многу човечки животи е разорувачка, а околностите на злосторството се длабоко вознемирувачки.
Истражителите работат на утврдување на мотивот за масакрот, како и на реконструкција на случувањата непосредно пред пукањето. Засега не е објавено што го навело напаѓачот да изврши вакво злосторство.
Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, изразил сочувство до семејствата на жртвите и најавил поддршка за локалната заедница.

Американските власти соопштија дека нема дополнителна опасност за населението, додека истрагата за една од најтешките трагедии во градот продолжува.
