
Соопштение за јавност на ДОМ:
Поплавата во зградата на поранешна „Нова Македонија” уште еднаш покажа колку е важно државните институции да имаат сигурна дигитална инфраструктура. Но, потребата од Национален дата-центар не е одговор на прашањето како е избрана локацијата и дали се разгледани сите релевантни аспекти пред да се донесат следните одлуки.
Според информациите објавени на 8 октомври, локацијата е избрана, додека урбанистичката документација и финансирањето сè уште се во подготовка. Министерот најави дека пред изградбата ќе бидат изработени студија за влијанието врз животната средина и социјална студија.
За ДОМ, клучно е овие постапки да не се сведат на формално исполнување на условите за изградба, туку да обезбедат реална основа за оценување на проектот и неговите последици.
Затоа бараме Владата и Министерството за дигитална трансформација:
• Да ги објават образложението и критериумите врз основа на кои е избрана конкретната локација, вклучително и дали биле разгледани алтернативни локации.
• Да го претстават проектот со неговите основни технички параметри, колкав капацитет ќе биде во MW, како и планираното решение за функционирање на центарот.
• Да обезбедат соодветни процени на влијанијата врз животната средина и локалната заедница, во согласност со законските обврски, пред носењето на конечните одлуки.
• Да овозможат навремено информирање и учество на јавноста во сите постапки во кои тоа е предвидено, со пристап до релевантната документација.
Јавноста не треба да биде информирана за вакви проекти дури откако ќе бидат исполнети условите за нивно официјално претставување. Информирањето и учеството на граѓаните треба да бидат дел од процесот на планирање, а не негов завршен чекор.
ДОМ ја поддржува потребата од сигурна дигитална инфраструктура, но одлуките за нејзината изградба мора да бидат образложени, проверливи и во интерес на граѓаните.

