Skip to main content
Балкан

Убиства, киднапирања и дрога – Разбиена опасна балканска криминална мрежа

08/10/2026  17:48

Во голема меѓународна полициска операција, спроведена со поддршка на Европол, уапсени се вкупно 47 лица осомничени за учество во организирана криминална мрежа поврзана со Западен Балкан, која се занимавала со меѓународна трговија со дрога, а се поврзува и со убиства, обиди за ликвидации, киднапирања и напади со експлозивни направи низ Европа.

Според денешното соопштение на Европол, операцијата кулминирала на 6 октомври 2026 година, кога полициските служби извршиле претреси на 42 локации во Словенија и Шпанија, во соработка со хрватските власти.

Во акцијата биле уапсени 34 лица во Словенија, едно во Шпанија и едно во Хрватска, додека претходно во текот на истрагата биле приведени уште 11 осомничени.

За време на операцијата биле запленети 66 килограми дрога, од кои 51 килограм канабис и 15 килограми амфетамин, како и огнено оружје, накит и готовина.

Убиства и напади со бомби поради изгубени пратки со дрога

Истрагата открила дека криминалната организација користела исклучително насилни методи за решавање на внатрешните конфликти и финансиските спорови.

Кога одредени пратки со дрога биле изгубени, запленети од полицијата или кога настанувале несогласувања меѓу членовите, следувале одмазднички напади врз осомничените членови на групата, но и врз нивните семејства.

Истражителите ја поврзуваат организацијата со повеќе престрелки, убиства, обиди за убиства и киднапирање на еден од нејзините членови.

Во нападите биле користени и експлозивни направи, вклучително и рачни гранати. Откриен е и обид за убиство на територијата на Шпанија.

Според Европол, насилството било користено како средство за наплата на загубите, казнување на одговорните и одржување контрола врз криминалните активности.

Во мрежата имало државјани од Србија, БиХ и други европски земји

Криминалната организација вклучувала државјани на Босна и Херцеговина и Србија, како и осомничени од Словенија, Бугарија, Турција и Холандија.

За транспорт на наркотиците биле ангажирани возачи, претежно од Словенија, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Дрогата се превезувала со камиони, комбиња и патнички автомобили, скриена меѓу легална трговска стока. На овој начин криминалната мрежа ги користела редовните транспортни линии за прикривање на нелегалните активности.

Кокаин, канабис, амфетамин, МДМА и метамфетамин биле транспортирани од Белгија, Холандија и Шпанија кон други европски држави.

За меѓусебна комуникација и организирање на транспортот, членовите користеле криптирани комуникациски платформи, меѓу кои SKY ECC и CryptCom, со цел да ги сокријат своите активности од полицијата.

Истрагата открила шверц на огромни количества наркотични средства

Во периодот од февруари 2022 до септември 2026 година, истражните органи заплениле 253 килограми кокаин, 404 килограми канабис, 18,8 килограми метамфетамин и 825 грама МДМА.

Дополнително биле конфискувани 550 литри хемиски прекурсор што се користи за производство на дрога, автоматско оружје со придушувач, муниција и повеќе пиштоли.

Но, според Европол, криминалните активности биле многу поголеми од количествата дрога што биле физички запленети.

Врз основа на анализата на криптираните комуникации и другите докази, истражителите реконструирале дополнителни транспорти и трансакции, поради што осомничените се очекува да бидат гонети и за активности поврзани со околу 2,5 тони канабис, 474 килограми кокаин, 104 килограми хероин, 30 килограми амфетамин, 11,6 килограми МДМА, како и други наркотични и психоактивни супстанции.

Меѓу откриените количества се и 18.000 таблети екстази и 1.000 единици психоактивни печурки.

Во истрагата учествувале претставници од 22 држави

Целата операција била координирана од центар во Љубљана, каде што претставници на Европол и хрватските истражни органи ги следеле полициските активности и апсењата во реално време.

Во истрагата учествувале претставници од вкупно 22 земји, а Европол обезбедил аналитичка и оперативна поддршка.

Операцијата е дел од европските напори за сузбивање на организираниот криминал преку платформата EMPACT, која овозможува координирана соработка меѓу националните полициски служби и европските институции.

Во соопштението на Европол не се наведува дека меѓу уапсените има македонски државјани.