
Бугарија останува на ставот дека Македонија мора да ги исполни обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени, за да продолжи напредувањето во процесот на европска интеграција. Ова го порача бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, по билатералната средба со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Софија.

Иако средбата ја оцени како конструктивна, Петрова-Чамова јасно стави до знаење дека официјална Софија очекува конкретни чекори од македонската страна, а не дополнителни гаранции за понатамошниот тек на евроинтегративниот процес.
„Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорниот консензус од 2022 година“, изјави бугарската министерка.
Таа откри дека на средбата побарала од Муцунски да ја информира за временската рамка во која македонската Влада планира да ги реализира преземените обврски.
Според неа, македонската страна посочила дека пред преземањето на следните чекори е неопходно да се изгради меѓусебна доверба, но бугарската министерка смета дека токму исполнувањето на обврските е предуслов за таквата доверба.
„Побарав да разберам, од нивна страна, од министерот Муцунски, како ја замислуваат временската рамка за тоа да се случи. Оттаму сметаат дека треба да се изгради чувство за доверба. За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“, рече Петрова-Чамова.
На прашањето дали Бугарија побарала дополнителни гаранции од Македонија, таа одговори дека Софија нема нови барања надвор од веќе договореното во 2022 година.
„Најдобрата гаранција е исполнувањето. Важно е да видиме какви чекори се преземаат, а од наша страна можеме да кажеме дека немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година и очекуваме тие да бидат исполнети“, нагласи таа.
Во однос на барањето на македонската страна за гаранции дека нема да има нови пречки во пристапниот процес, бугарската министерка порача дека ниту една земја членка на Европската Унија не може да гарантира како ќе се одвиваат идните фази од преговорите.
„Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на која било друга земја кандидат за понатамошниот процес. Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност“, изјави Петрова-Чамова.
Таа додаде дека другите земји од Западен Балкан покажуваат политичка волја за напредување кон Европската Унија, изразувајќи надеж дека такви чекори ќе преземе и Македонија.
Според шефицата на бугарската дипломатија, исполнувањето на договореното од 2022 година претставува најдиректен пат за продолжување на европската интеграција на земјата.
Со ова, Софија останува на позицијата дека уставните измени се дел од обврските што Македонија треба да ги реализира, додека прашањето за гаранциите што ги бара македонската страна и понатаму останува отворено.

