
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши предистражната постапка за сомневањата за неовластен пристап до компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и неовластено прибирање податоци. По спроведените проверки и форензички анализи, Обвинителството утврдило дека нема основ за натамошно постапување.

Како што информираат од ОЈО, предметниот јавен обвинител донел резолуција со која оценил дека не постојат доволно докази за извршување на пријавените кривични дела.
Во рамки на предистражната постапка, со наредба од Основниот кривичен суд била обезбедена компјутерска опрема, врз која биле извршени детални информатичко-форензички анализи. Дополнително биле анализирани податоци од мобилни уреди и биле прибрани известувања од лица запознаени со настанот.
Според извештаите на Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, не биле пронајдени дигитални траги што би укажувале на неовластено навлегување во компјутерскиот систем.
Исто така, не биле откриени докази за снимање или незаконско прибирање класифицирани податоци.
Сепак, форензичките анализи откриле одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на компјутерскиот систем. Според Обвинителството, овие пропусти можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик, но не биле пронајдени дигитални докази дека биле искористени за извршување на пријавените кривични дела.
„По оценка на сите прибрани докази, надлежниот јавен обвинител утврди дека не се исполнети законските обележја на кривичните дела ‘Оддавање државна тајна’ од член 317 и ‘Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем’ од член 251 од Кривичниот законик, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од Обвинителството.
Со ова, Обвинителството оценило дека нема законски основ за продолжување на јавнообвинителското постапување по поднесената кривична пријава.

Иако не е утврдено постоење на кривично дело, констатираните слабости во компјутерскиот систем отвораат прашања за нивото на информатичка безбедност и заштитата на податоците во Кабинетот на претседателката.
