Skip to main content
Економија

Битиќи: Во Буџетот недостигаат 809 милиони евра, над 80 милиони повеќе од планираниот дефицит

08/10/2026  10:41

Во Буџетот во моментов недостигаат околу 809 милиони евра, односно над 80 милиони евра повеќе од дефицитот проектиран со првиот ребаланс, изјави пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи во „Тема на денот“ во изданието на Дневникот на ТВ Сител.

„Дефицитот што беше проектиран со првиот ребаланс беше околу 720 милиони евра. Значи, над 80 милиони евра повеќе се потрошени од тоа што реално го има“, посочи Битиќи.

Според него, најавата за втор ребаланс во текот на истата година е показател за сериозен проблем во планирањето на Буџетот. Притоа, Битиќи потсети дека втор ребаланс се прави во исклучителни околности, како што беше ковид-кризата, кога приоритет беше заштитата на животот и справувањето со економските последици од пандемијата.

„Во година во која кризите во нашето опкружување имаат релативно мали финансиски импликации врз земјата, овој ребаланс доаѓа како одговор на лошото планирање. Повторно станува збор за предимензионирани приходи и предимензионирани расходи“, рече Битиќи и додаде дека уште со првиот ребаланс дефицитот бил зголемен за околу 26–27 проценти, а сега Владата повторно е исправена пред потреба да ја коригира буџетската конструкција.

Битиќи додаде дека опциите се ограничени, и тоа, да се намалат расходите, што може да значи кратење на капиталните инвестиции или на тековните расходи, или повторно да се зголеми дефицитот.

„Ако не се скратат капиталните инвестиции, тогаш остануваат тековните расходи, како што се пензии, социјални трансфери и плати. Другата можност е да се оди по нов дефицит, што сметам дека сериозно ќе ѝ наштети на државата, затоа што тоа ќе значи дека понатаму парите ќе бидат многу поскапи од денес. Или, конечно, и приходната и расходната страна да се сведат на пореални рамки за планирање“, рече Битиќи.