Skip to main content
Свет

Три години од нападот на Хамас врз Израел

07/10/2026  08:06

На денешен ден, пред три години, палестинското милитантно движење Хамас уби повеќе од 1.000 граѓани на Израел и други земји, претежно цивили, во ненадеен масовен напад.

Нападот беше повод за војната во Појасот Газа, која одзеде животи на десетици илјади Палестинци и во рок од една година прерасна во конфликт од регионални размери, со постојана закана од влошување и понатамошна ескалација.

Израел ја одбележува годишнината. Комеморациите започнуваат во 6:29 часот наутро по локално време, бидејќи тогаш започнал нападот, објави „Тајмс оф Израел“.

Преживеаните и семејствата на жртвите ќе се соберат во кибуцот Реим, каде што се одржа музичкиот фестивал Нова и каде што беа убиени 378 лица, а 44 лица беа земени како заложници во Газа.

Комеморативни настани ќе се одржат во текот на целиот ден низ целата земја, а во некои општини знамињата ќе бидат спуштени на половина копје.

Напладне, Октомврискиот совет, на кој се собираат преживеаните и ожалостените семејства, ќе одржи минута молчење.

Главната церемонија, организирана од преживеаните и семејствата на жртвите, ќе се одржи во 21:15 часот во паркот Јаркон во Тел Авив, во организација на движењето Куму.

Официјалните државни церемонии се одржаа вчера, на еврејскиот датум за комеморација утврден од владата.

Комеморации ќе се одржат и во еврејските заедници низ целиот свет