
Дали за добивање соба во студентските домови одлучуваат партиски книшки и врски или јасно утврдени критериуми, но и кој навистина ги обезбедил средствата за реконструкција на објектите? Ова беа дел од темите што предизвикаа жестока дебата меѓу претставниците на младинските крила на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тодор Конески ги отфрли обвинувањата за партизација при распределбата на студентските соби, тврдејќи дека приемот во домовите се врши исклучиво врз основа на исполнување на условите утврдени со конкурсот.
„За добивање место во студентски дом не одлучува тоа дали некој е член на политичка партија или фатил некаква врска, туку фактот што бирократски ги исполнува сите потребни услови според конкурсот“, истакна Конески.
Тој се осврна и на критиките за транспарентноста и необјавувањето на листите со бодови, оценувајќи дека опозицијата нема конзистентен став по ова прашање.
„Станува збор за правилник донесен уште во 2014 година. Не може да се аргументира за објавувањето на листите сега, кога изминатите седум години, додека СДСМ беше на власт, тие исти листи не беа објавени седум пати по ред. Мора да има конзистентност во ставовите“, рече Конески.
Од другата страна, претставничката на СДММ, Стефанија Кузмановска, обвини дека актуелната власт денес промовира проекти за кои средствата биле обезбедени уште за време на претходната влада.
Според Кузмановска, парите за реконструкција на студентските домови биле обезбедени уште во 2019 година, а тогашната опозиција го кочела процесот во Собранието.
Таа ја критикуваше власта и дека организира свечени отворања и промоции за проекти чија финансиска конструкција била обезбедена од претходната владина гарнитура, додека студентите, како што рече, сè уште чекаат современи и безбедни услови за сместување.
„Супер е тоа што се одржува континуитет во реконструкцијата, но вие денес се китите со туѓи перја и средства обезбедени од претходната влада. Студентите немаат време да чекаат со месеци за да ги решите безбедносните аспекти – најавивте отворање на ‘Кузман Јосифовски – Питу’ за оваа година, но отворање така и не видовме“, порача Кузмановска.

Дебатата меѓу младите претставници на двете најголеми партии повторно го отвори прашањето за условите во студентските домови, транспарентноста при распределбата на собите и политичката битка околу тоа кој треба да ги понесе заслугите за нивната реконструкција.

