
Каталонскиот сепаратистички лидер Карлес Пуџдемон би можел да се врати во Шпанија како слободен човек по девет години егзил, откако Уставниот суд денеска донесе историска одлука што треба да доведе до укинување на налогот за негово апсење, јави ДПА.

Уставниот суд одлучи дека проневерата на јавни средства за финансирање на референдумот за независност од 2017 година не претставува лично збогатување, со што се отстранува правната основа за налозите за апсење и забраната за вршење јавна функција за сепаратистичките лидери.
Кога Пуџдемон на 30 октомври 2017 година побегна во Белгија, веројатно не очекуваше дека ќе поминат девет години пред да може да се врати во својата земја.
По неуспешниот обид финансиски моќниот североисточен регион Каталонија да се отцепи од Шпанија, Пуџдемон беше принуден да се крие, а неговите поддржувачи тајно го префрлија во егзил во Белгија под закрила на ноќта. Оттогаш против него беше во сила налог за апсење, кој по денешната историска одлука на Уставниот суд треба да биде укинат.
Така Пуџдемон би можел да се врати како слободен човек, но 63-годишниот политичар ќе се врати во поинаква земја од онаа од која беше принуден да побегне.
Зошто Пуџдемон се најде на удар на шпанското правосудство?
Под раководство на Пуџдемон, Каталонија западна во политички хаос по нелегалниот референдум за независност и последователното гласање за отцепување од Шпанија во 2017 година.
Тогашната конзервативна централна влада воспостави директна управа врз регионот.
Додека Пуџдемон и други членови на неговата влада избегаа во странство, оние кои останаа во Шпанија беа осудени на затворски казни до 13 години. Подоцна левичарската влада на премиерот Педро Санчез ги помилува во обид да го смири конфликтот во Каталонија. Помилување за самиот Пуџдемон, сепак, не беше можно, бидејќи можат да бидат помилувани само лица кои се осудени.
Издаден европски налог за апсење
Шпанските правосудни власти со години се обидуваа да го приведат Пуџдемон, прво издавајќи национален, а потоа и европски налог за апсење. Почетните обвиненија вклучуваа бунт и поттикнување на бунт, за што беа предвидени долги затворски казни.
Обвинението за бунт подоцна беше отфрлено бидејќи сепаратистите во 2017 година не поттикнувале насилство. Кривичното дело поттикнување бунт беше укинато во 2023 година. Она што остана беше обвинението за проневера на јавни средства – и тоа обвинение се покажа како поиздржливо.
Судовите одбија да го опфатат Пуџдемон со амнестијата
Во 2024 година, владата на Санчез донесе закон за амнестија со кој требаше да бидат опфатени сите кривични дела поврзани со референдумот за независност од 2017 година. Врховниот суд, сепак, одби да ја примени амнестијата врз Пуџдемон и други сепаратистички лидери.
Судиите се повикаа на смела правна аргументација: проневерените средства употребени за нелегалниот референдум претставувале лична финансиска корист, бидејќи политичарите користеле јавни пари за финансирање на сопствените политички цели, наместо сопствени средства.
Бидејќи законот за амнестија изречно ги исклучуваше случаите на лично збогатување, налогот за апсење на Пуџдемон и другите сепаратисти остана во сила.
Години на игра на мачка и глушец – апсење во Германија
И покрај шпанските налози за апсење, Пуџдемон повеќепати патуваше низ Европа за да одржува говори и да учествува на политички состаноци.
На 25 март 2018 година беше уапсен во Германија додека патуваше по автопатот А7 во Шлезвиг-Холштајн, на враќање од Скандинавија. Беше задржан во притвор во Нојминстер 13 дена, по што беше ослободен.
Три години подоцна, само накратко беше приведен на Сардинија.
Храбар потег во Барселона
Особено непријатен момент за шпанскиот правосуден систем и полицијата беше кратката посета на Пуџдемон на Барселона во 2024 година.
Сепаратистичкиот лидер ненадејно се појави во центарот на градот и непречено се движеше низ улиците опкружен со високи функционери на неговата партија, „Заедно за Каталонија“ (Junts per Catalunya), поздравувајќи ги луѓето од двете страни.
Потоа одржа краток, борбен говор пред неколку илјади поддржувачи, по што исчезна од видик.
И покрај големата полициска потрага, успеа да им избега на полициските сили.
Уставниот суд го отфрли обвинението за лично збогатување
Причината поради која судијата Љарена сега ќе мора да го укине налогот за апсење врз основа на обвинението за лично збогатување лежи во одлуката на Уставниот суд. Формално, предметот воопшто не се однесуваше на Пуџдемон. Подносители на тужбата беа сепаратистичките политичари Жорди Туруљ и Долорс Баса, кои ја оспорија забраната за вршење јавна функција што Врховниот суд ја потврдил врз основа на обвинението за лично збогатување.
Сè уште не е јасно кога Љарена ќе го укине налогот за апсење на Пуџдемон. Весникот „Ел Паис“ не ја исклучува можноста тој да го одложи тоа, доколку триумфалното враќање на Пуџдемон би можело да ѝ наштети на изборната кампања на владата на Санчез пред предвремените избори на 29 ноември. Според весникот, делови од правосудството се длабоко незадоволни од помирливиот пристап на владата на Санчез кон сепаратистите.
Конзервативната и деснопопулистичката опозиција повторно би можела да се обиде да собере политички поени кај своите гласачи, тврдејќи дека Санчез ја понижил Шпанија со амнестијата и го доведува во опасност територијалниот интегритет на државата, коментира ДПА.
За регионалната политика во Каталонија, враќањето на Пуџдемон по толку години во странство веројатно нема да донесе големи промени на краток рок. Неговата партија „Заедно за Каталонија“ (Junts) во анкетите е престигната од релативно новата, радикална сепаратистичка и деснопопулистичка партија „Каталонска алијанса“ (Aliança Catalana).

