Skip to main content
Свет

Руски научници предлагаат нов модел на научни истражувања преку соработка на човекот со вештачката интелигенција

06/10/2026  19:18

Руски научници предлагаат нов модел на научни истражувања во кој човекот и вештачката интелигенција (ВИ) би работеле заедно како истражувачки тим, при што одговорноста за резултатите и натаму би останала кај човекот.

Предлогот е содржан во „Манифест на епистемичкиот кентаур“ изготвен од Институтот за хуманистички и социјални технологии при Високата школа за економија во Москва.

Авторите на Манифестот укажуваат дека ВИ може да произведува едноставни одговори многу побрзо отколку што науката може да дојде до знаење поткрепено со истражувања и докази. Во исто време, општеството и општествените појави се менуваат толку брзо што понекогаш се менуваат и пред да заврши истражувањето за нив.

Според авторите, тоа претставува особено голем предизвик за хуманистичките и општествените науки, кои ризикуваат да ја изгубат иницијативата во објаснувањето на човекот и општеството, како и контролата врз јазикот со кој тие се опишуваат.

Како решение се предлага забрзување на научните истражувања со користење на можностите на ВИ, но без спуштање на научните стандарди. Истражувањата би ги спроведувале тимови составени од луѓе и ВИ, а резултатите би подлежеле на соодветна проверка.

Според Манифестот, знаењето создадено од таков тим, означен како „човек + ВИ“, треба да има ист научен статус како знаењето создадено само од луѓе, доколку е јасно како била користена ВИ и доколку станува збор за проверени резултати.

Клучен принцип е дека одговорноста целосно останува кај човекот. Истражувачот мора да стои зад резултатите и да ја преземе одговорноста за нив, без оглед на тоа колкав придонес имала ВИ во истражувањето.

Авторите предлагаат и создавање заедница на истражувачи кои би разменувале методи, би разговарале за предизвиците при користењето на ВИ и би ги проверувале резултатите, како и преиспитување на универзитетските правила за користење на вештачката интелигенција.