Skip to main content
Македонија

Охрид по 11 години ќе го добие затворениот базен, обезбедени 470 милиони денари за довршување

06/10/2026  17:13

Владата на денешната редовна седница ја усвои точката со која се овозможува продолжување и конечно завршување на изградбата на затворениот базен во Охрид, капитален спортски проект чија реализација започна уште во 2015 година. Станува збор за еден од најзначајните спортско-инфраструктурни проекти во Охрид, којшто речиси 11 години останува незавршен.

По преземањето на надлежностите, Министерството за спорт пристапи кон темелна анализа и ревизија на состојбата на проектот, со цел да се утврдат сите технички, финансиски и административни пречки коишто со години го оневозможуваа неговото завршување. Како резултат на спроведената ревизија, Министерството презеде конкретни чекори за надминување на затекнатите проблеми, меѓу коишто и неопходната измена на основниот проект, со што се создаваат услови изградбата конечно да продолжи.

За целосно завршување на затворениот базен во Охрид се обезбедени 470 милиони денари.

Со ова, по повеќе од една деценија неизвесност и застој, еден од најголемите спортско-инфраструктурни проекти во државата добива јасна перспектива за конечно завршување.

Затворениот базен е инвестиција од огромно значење не само за Охрид туку и за развојот на пливачките спортови во целата држава. Неговото завршување ќе обезбеди современи услови за тренинг на спортистите, развој на младите категории, организирање натпревари и дополнително унапредување на спортската инфраструктура во градот.